„Извештајот на Европската комисија не е ништо различно од тоа што ние го живееме секој ден и уште помалку различно од тоа што ВМРО-ДПМНЕ го зборува со години, бидејќи основната карактеристика на оваа влада на СДСМ и ДУИ е дека корупцијата цвета, а економијата тоне. И тоа е тажната реалност во која што ние живееме“.
Ова го рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната дебата насловена „Извештајот на ЕУ за Македонија – Одраз на реалноста“.
Тој потенцираше дека Европската комисија во извештајот нотира немање на владеење на правото, високиот степен на корупција како и злоупотреба на процедурите.
Според Николоски дека Извештајот од Европската комисија е лош е и самиот факт што изостанува еуфоријата од владата на СДСМ и ДУИ, и тоа што Ковачевски избегал надвор од државата на некакво измислено обраќање, само за да не е присутен тука.
„Гледате дека изостана еуфоријата оваа година, премиерот избега, надвор од државата е на некакво си измислено обраќање во УНЕСКО“ – истакна тој.
Николоски додаде со Извештајот од Европската комисија како меур од сапуница се распрснала лагата на владата на СДСМ и ДУИ дека имаат поддршка од меѓународната заедница.
„Им се распрсна како меур од сапуница нивната приказна која ја говореа континуирано години наназад, а тоа е дека ја имаат меѓународната поддршка, дека Европската унија само што не ја примила Македонија, дека да не се лошите од ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе оди со полна пареа напред. И сега кога се удираат во ѕид, кога сите сфаќаат дека она кое што го зборуваме со години е вистина а тоа е дека причината поради која Македонија не почнува преговори со ЕУ, најмалку е Бугарија“ кажа Николоски.
Посочи дека основната причина зошто Македонија не почнува преговори со ЕУ не е Бугарија, туку затоа што нема битка со организираниот криминал и високата корупција.