Нашите граѓани заслужуваат да бидат членки на ЕУ за да имаат подобра иднина. Како Влада се обврзавме дека ќе ги спроведеме неопходните реформи што ги имаме пред нас. Нашиот пат кон ЕУ е многу тежок.
Ова го изјави заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт – Александар Николоски во интервјуто за грчкиот весник „Катимерини“.
Посочува дека како Влада веруваат во европските вредности и затоа се борат да ги обединат своите граѓани со останатите од Европската унија
– Ова што го прави Бугарија, ставајќи вето на нашите пристапни преговори е неоправдано. Не е во согласност со европските вредности. Имаме јасна цел и веруваме дека еден ден ќе бидеме рамноправни со повеќето земји во Европа, вели Николоски.
Во интервјуто под наслов „Сакаме поблиска соработка“, освен за ЕУ перспективата на земјава, говори и за интерконекторот за природен гас со Грција, за железничката мрежа, за договорот со Бугарија за Коридорот 8, но и порачува дека регионот треба да дејствува заедно, а не секоја земја поединечно.
Изразува подготвеност за изградба на интерконекторот за природен гас со Грција, објаснувајќи дека „за жал нашиот природен гас целосно доаѓа од Русија“ и затоа, како што вели, „потребно е да ја намалиме оваа зависност“.
– Решението за алтернативно снабдување на земјата со гас е интерконекцискиот гасовод Грција-Северна Македонија, нагласува и додава дека „тоа е огромен проект што многу ќе значи за двете земји, како и за голем дел од останатите европски земји“.
Дополнително посочува дека „единствениот начин за напредок е создавање заеднички проекти кои ќе ги зближат двете земји уште повеќе“, но и дека е потребна подобра поврзаност меѓу земјите од Западен Балкан, подобра инфраструктура и комуникација, за да се зајакнат дипломатските односи меѓу земјите.
Во интервјуто се осврнува и на важноста на железничката мрежа и железничката поврзаност, нагласувајќи дека „новата брза железница е иднината на регионот“.
-Преку надградениот железнички систем во регионот ќе ја зајакнеме економијата, ќе создадеме подобра клима за инвестиции, нови работни места и нашите компании ќе можат да извезуваат и увезуваат повеќе стоки, истакнува Николоски.