Николоски: За две години пензиите со раст од 30%, минималната плата за 50%, просечната плата достигна 700 евра

by Fokus

Расте минималната плата, расте просечната плата, растат пензиите. Тоа е резултат на системското решение што го воспоставивме и кое за две години обезбеди раст на пензиите за 30%, минималната плата од 15.000 пред 2 години сега ќе достигне 22.500 денари и има раст од над 50%, расте и просечната плата и таа достигна во декември 2023 година 40.000 денари и има 33% натфрлање од она што беше ветување за достигнување просечна плата од 500 евра. Ова го истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски во гостување во утринската програма на Слободен печат.

„Пред 2 години воспоставивме систем со кој два пати во годината се врши усогласување, односно се зголемуваат пензиите. Пензиите од овој месец ќе пораснат околу 5,5% и со ова зголемување за 2 години пензиите имаат раст од над 30%. И тоа затоа што воспоставивме системско решение, затоа што ниту еден граѓанин и пензионерите не заслужуваат некој да ги уценува на каков било начин. Кога има систем тој функционира и тоа го видовме во овие 2 години. Исто така воспоставивме систем и за минималната плата. Овој месец таа ќе има нов раст од над 12% и ќе достигне над 22.500 денари. Пред 2 години минималната плата изнесуваше 15.000 денари, досега беше 20.175, и со најновото зголемување ќе достигне раст од над 50%. Просечната плата согласно последните податоци на Државниот завод за статистика изнесува скоро 40.000 денари, без 2 денара и со тоа го натфрливме за 33% она што го ветивме во предизборниот период дека ќе достигнеме плата од 500 евра. Достигнавме плата од 40.000 денари, а за следните четири години таа со поставениот систем ќе достигне 1.100 евра“, истакна заменик-министерот Николоски.

Во интервјуто се осврна и на развојните политики и поддршката на растот на економијата кој е проектиран за оваа година на 3,4%. „Достижен е овој проектиран раст кој ќе биде поддржан од приватните инвестиции, како и инвестициите во буџетот, кои минатата година имаа рекордна реализација од 708 милиони евра, а заедно во двете години 2022 и 2023 година имавме реализација на капитални инвестиции од 1,2 милијарди евра. Најмногу се во инфраструктурата, проекти кои бараат подолг период на реализација и се очекува во наредната година таа динамика да се забрза“, рече Николоски.

Додавајќи дека сите капитални инвестиции не може да се реализираат за една година, затоа што бараат административна подготовка, план и проект, рече дека ефектите ќе се видат во следните години и дека во таа насока се очекува од оваа година да започнат и да се видат и активностите на терен за реализација на проектите на Коридорот 8 и 10д.

Според заменик-министерот дополнителен инпут на растот ќе биде и поддршката од ЕУ преку Планот за раст за ЗБ од каде се очекуваат околу 900 милиони евра, а првата транша би била била 150 милиони евра и се очекува во текот на оваа година.

„Тоа ќе бидат средства со цел да ги забрзаме реформските процеси и за инвестиции. Една третина ќе бидат грант, другите кредитни линии со поволни услови, ниски каматни стапки и долги рокови и до 40 години. Сето ова ќе треба да го искористиме со цел да го забрзаме растот и да се приближиме кон она што значи ЕУ“, рече Николоски.

Тој истакна дека поддршка има и за бизнис секторот, кој исто така преку приватните инвестиции дава придонес во остварување на проектираниот раст.

„Преку повеќе кредитни линии обезбедивме над 300 милиони евра кои се на располагање на бизнис секторот преку Развојната банка, кои се достапни по многу ниски камати. Средствата се достапни преку деловните банки и има интерес од страна на компаниите“, рече Николоски.

Тој најави дека од наредната година земјата како дел од СЕПА договорот ќе се овозможи на домашните компании да плаќаат во рамки на ЕУ поедноставно со што ќе ги намалат и трошоците.

„Земјите од ЗБ и РС Македонија ќе пристапат кон СЕПА договорот и на тој начин ќе се поедностават плаќања на сите корисници, односно плаќањата ќе се вршат само во евра и со тоа ќе се намалат трошоците на компаниите и тие ќе станат поконкурентни. На таков начин ќе се направи заштедат над 600 милиони евра годишно во државите од Западен Балкан. Се очекува првата фаза од овој процес да заврши во оваа година и од следната година да бидеме дел од СЕПА договорот“, истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски.

 

Поврзани новости