Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски тврди дека владата ќе плати дополнителни 11 милиони евра за ангажирање на најмалку пет лица, специјалисти за надзор при изградба на коридорите.
Според неговите тврдења, специјалистите ќе бидат ангажирани за период од пет години, а платата на еден специјалист ќе биде 36.500 евра месечно.
-Ова се суми кои што дополнителни треба да ги плати владата. Што значи теоретски доколку еден човек се ангажира за 5 години колку што владата вели дека ќе се изведат автопатите, во тој случај само еден човек би зел 2 милиони и 190 илјади евра. А доколку се ангажираат најмалку 5 лица колку што минимум треба да се ангажираат според овој договор, тие би зеле фантастични 11 милиони евра дополнителни средства од владата, изјави тој во „Само интервју“ на Канал 5.
Претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска пак најавува дека посебно внимание ќе посветат на оние делови од договорот со „Бехтел и Енка“ кои создаваат финансиски обврски за државата.
– Посебно внимание ќе посветиме на оние членови кои создаваат финансиски обврски на нашата држава, бидејќи тоа е она што ги засега граѓаните, што ќе добиеме ние од тој договор, изјави Ивановска во вечерашното гостување на телевизија „Сител“.
Таа потврди дека договорот што го добиле не е целосен, односно недостасуваат прилозите.
– Ако дојдеме до заклучок дека во тие прилози покрај некои менаџерски специфичности што се однесуваат за фирмата, постои нешто друго, ќе ги побараме и нив, рече Ивановска, посочувајќи дека нема сознанија дали во тие прилози има нешто што е дополнителна обврска за државата.
Таа информираше дека договорот што им бил доставен има околу 200 страни и дека во него се предвидени сите обврски на државата.