Николоски, Силјановска и Лозановска ќе сведочат за вулгарностите на Џафери

by Фокус

Александар Николоски, Гордана, Силјановска Давкова и Олга Лозановска биле присутни во пленарната сала додека претседателот на Собранието Талат Џафери со вулгарности им викал на тројца собраниски службеници и тие ќе сведочат за инцидентот на Комисијата за деловнички и мандатно имунитетни прашања, која се очекува да ја свика претседателот на Комисијата Панчо Минов откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска достави пријава против првиот парламентарец.

Пратеникот Антонијо Милошоски на прес конференција во Собранието до Комисијата достави пријава за повреда на етичкиот Кодекс на пратениците од страна на претседателот Џафери.

Барањето претседателот на Комисијата Минов да свика седница е со единствена точка на дневен ред, постапка за утврдување на тешка повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието, од страна на пратеникот Талат Џафери на 11.05.2022 година и изрекување на мерка согласно Правилата за водење на постапката.

За седницата, како што пропишува Кодексот, ВМРО-ДПМНЕ доставила електронски материјал УСБ на кој, како што се вели во дописот, е содржан видеозаписот од МРТВ, кој се емитувал во живо и каде Џафери на крајно вулгарен и понижувачки начин им врши мобинг и притисок на вработени во Службата на Собранието, на висок тон и со безобразни пцости, кои заради нивото на комуникација во Парламентот не би сакале да ги цитираме.

-Ние сите бевме сведоци, целата јавност ги виде тие тешки повреди и слушна, бидејќи тоа беше пренесувано во живо на радиодифузниот сервис на МРТВ и сите ги имаме и тие снимки и затоа во прилог доставивме и снимка до господинот Панчо Минов за да има материјали врз основа на коишто ќе може да работи оваа Комисија – рече Милошоски.

Тој потсети дека Џафери лично на 11 јуни 2018 година го потпишал етичкиот Кодекс за однесувањето на пратениците во Собранието, каде што во член 14 е предвидено како тешка повреда на Кодексот доколку некој пратеник врши притисок или недостоинствено се однесува кон вработени во Собранието.

Поврзани новости