Ќе најдеме заедничко решение со Бугарија за да се поврземе со железница и да имаме воз од Скопје преку Софија до Црно море, најави
заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски на прес-конференција за 100 дена од новата Влада.
-Можеби ќе бидат похрабри по изборите, мора да најдеме заедничко решение кое е изводливо и да имаме воз Скoпје – Софија кон Црно море. Очекувам во разумен, фер разговор да кажат дали таа траса е најдобра за нив или имаат подобра и да најдеме решение. Треба да направиме и ревизија на проценетата вредност, сметам дека се напумпани и нереални цените, да одиме со пореални цени.
Земјава нема извори на нафта, ниту извезува дијаманти за да троши толку пари за толку малку километри. Тендерот го подготвува ЕУ и силно ќе инсистирам да пишува дека компанијата која ќе учествува може да е од земја членка на Унијата или од земја кандидат или да е компанија која има изградено најмалку определен број километри пруга во земји од ЕУ за да добиеме квалитетна компанија. Се работи за голем проект и не може несериозни компании да го работат министерот .
Колку ова би чинело мора да има договор со Бугарија каде ќе поминува трасата.
-Во спротивно, ништо нема логика. Да, мислам дека најдобриот начин е да изработиме заеднички проект и заеднички да го тендерираме зашто границите помеѓу државите се вештачка работа, природата е таа која што е. И единствената логика и единствениот начин да се изгради спојување со Бугарија е ние заеднички да настапиме пред потенцијални изведувачи и да настапиме со заеднички проекти.
Во спротивно, нема да можеме да се поврземе, многу е едноставна работата. Така што се надевам дека бугарската страна ќе се согласи на оваа работа. Секако, предизвици има и кај нив, доколку се оди по оваа или слична рута треба да дадат одговор што ќе прават со делницата од Ѓуешево до Софија имајќи предвид дека самите изјавија дека им требаат 1,200 милијарди евра за реконструкцијата кои во моментов ги немаат, но тоа се прашања што тие треба да ги одговорат и јас таму не им се мешам. Но, во делот на спојување единствен логичен изводлив начин е да имаме заеднички проект, потенцира Николоски.