Николоски: Преговорите зависат од Македонија, а не од ЕУ и Бугарија

by fokus

Почетокот на преговорите со Европската Унија, зависи од земјава, а не од ЕУ и од Бугарија, вели Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Европските ставови се како ние ќе си ја завршиме домашната задача. Од една страна има поддршка Македонија да почне преговори со ЕУ, но исто така мора да сме фер и да ги слушаме до крај и читаме, дека постои сериозна загриженост во однос на владеење на право, степенот на корупција, реформите во јавна администрација и економската состојба, вели Николоски во гостување на „Тема на денот“ во дневникот на Сител.

Во однос на датумот кој го добива оваа влада тој вели дека веќе е несериозно тоа да се кажува пред граѓаните, затоа што Заев, вели дека добива датум од јуни 2018, а сега сме декември 2021.

– Три и пол години живот на граѓаните помина, тој лаже дека добива датум за преговори. Додека лажат за датум нивни луѓе од Владата во нетранспарентен процес добиваат дозвола да градат фотоволтаици или друг тип на централи, а гледаме тоа се фирми на контроверзни бугарски бизнисмени. Додека со едната рака зборуваат за ЕУ, од друга страна ја уништуваат таа можност затоа што се корумпираат, себе, тие околу нив и општеството, рече Николоски.

Николоски најави дека утре во Собрание ќе се разговара за продолжување на, како што вели, т.н. енергетска кризна состојба, а тие ќе побараат од мнозинството да го прифати нивниот план за справување со неа.

-Нашиот план е план за помош за граѓаните и компаниите за да не се почувствува ценовниот шок, од струјата и греењето во вредност од 250 милиони евра, нагласи Николоски.

Поврзани новости