Николоски по денешното апсење: Власта на Заев го отвори 751-от случај против ВМРО

by Фокус

Власта на Зоран Заев денеска го отвори 751 случај против членови на ВМРО-ДПМНЕ, изјави порпретседателот на опозициската партија Александар Николоски откако кривични пријави заработија членот на партискиот ИК Димитар Димовски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и уште десетина лица за незаконско доделување на државно земјиште.

-Како што Заев најави пред неколку месеци, власта има отворено 750 случаи против членови на ВМРО-ДПМНЕ. Значи замислите Заев, премиерот на државата кој што не треба да се меша во судството и во обвинителството. Точно знае колку случаи се отворени против членови на ВМРО-ДПМНЕ. Утрово го отворија 751, затоа вчера и завчера имаа дебакл со изборот на Влада, затоа што вчера и завчера Заев не знаеше дека не може биде и Премиер и министер за финансии, па не знаеше како да излезе од целата таа ситуација во којашто сака директно да ја контролира државната каса за да може акцијата „евро за евро“ да продолжи да функционира во оваа држава – обвини Николоски.

Според него, во случајот се работи за политички прогон и притисок во кој, покрај поранешните и сегашните функционери од опозициската партија, како што истакна Николовски, опфатени се и недолжни службеници.

-Се работи за толкување на управна постапка која што може да се толкува на еден или на друг начин. Истата од страна на службениците во разните институции може да е изведено правилно или неправилно. Такви ситуации во јавната администрација има секој ден десетици, за истите има начин како се проверуваат. Доколку се правилни тоа е тоа, доколку има грешка има соодветна управна постапка во која казната може да е намалување на плата на соодветниот службеник или суспензија од работа. Но, никако понижување со информирање медиуми, со изведување пред истражни судии и определување притвори – порача тој.

Поврзани новости