Николоски: Оваа влада ќе се соочи со гневот на народот

by fokus

Оваа влада нема решенија за битката со корупцијата, економската и енергетската криза и европските интеграции и нема легитимитет. Затоа единствено решение за брзи предвремени избори, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Александар Николоски на денешната собраниска седница на која се дискутира за избор на нова влада.

-Сето останато е бегање од народот. Следува пеколен период на соочување со гневот на народот. Промените доаѓаат и ќе се случат побрзо отколку што мислите. Нема да ја поддржиме оваа влада, а следниот период да се гледаме и во институциите, но и надвор на улиците и заеднички да стигнеме до предвремени парламентарни избори кои ќе значат промени во Македонија, рече Николоски.

Според него, на неодамнешните избори народот жестоко ја казнил и владата и партијата.

-Сега се соочуваме со најголемиот срам во историјата на постоењето на македонската демократија, а тоа е да се киднапира пратеник кој се појави после 5 дена. Денес имаме влада без легимитет, влада на стари ликови, на континуитет која не може да се покаже како нова, а клучните ресори ќе ги водат истите луѓе. Оваа влада не може да понуди нови политики. Нивните политики не може магично да се сменат. Затоа гледаме кавга во јавноста за префрлување на одговорност во однос на извесното национално предавство во односите со Бугарија, нагласи Николоски.

Посочи дека ова е влада која четири години лаже за почеток на преговори и процесот на евроинтеграција го злоупотреби како ниедна друга земја.

-Викаа ќе имало датум во декември, па во јануари. Во декември датум немаше, а јас лично ви кажав дека во јануари може да има датум за скијање и тоа се случи. Да така безобразно се лаже македонската јавност е врв на поигрување и потценување со националните интереси, додаде Николоски.

Мандатарот за состав на нова влада Димитар Ковачевски пак пред експозето пред пратениците кажа дека парламентарното мнозинство е зголемено и дека нема време за нови парламентарни избори.

-Оваа влада нема време за ‘100 дена грејс период на влада’. Мора веднаш да се фрлиме во жарот и да работиме. Имаме ретка шанса во овие 2,5 години да се посветиме на решавање на проблемите на граѓаните, енергетската криза, здравствената со пандемијата, развој на економијата и напредок, образовните реформи, намалување на администрацијата, рече Ковачевски.

Поврзани новости