Николоски од Стразбур: Утре се одлучува дали Русија ќе биде исклучена од Совет на Европа

Се очекува да се усвои заедничка позиција со која ќе се побара активирање на членот 8 од Статутот на Совет на Европа, според кој, доколку Русија самата не истапи од членство, ќе биде исклучена, вели тој за Фокус.

by Фокус

Денес и утре, Парламентарното Собрание на Советот на Европа одржува итна сесија на која единствена точка е воeната агресија на Русија над Украина, а во текот на утрешниот ден, во пресрет на гласањето во однос на предлогот за активирање на член 8 во вечерните часови, се очекува обраќање да имаат пратениците.

Меѓу нив ќе биде и Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ, кој во изјава за Фокус вели дека се очекува да се усвои заедничка позиција со која, како што посочува, ќе се побара активирање на членот 8 од Статутот на Совет на Европа, според кој, доколку Русија самата не истапи од членство, ќе биде исклучена.

Исклучувањето на Русија е голем удар за неа и силна порака на останатите земји-членки дека воената агресија е најлошото нешто што може една држава да го направи. Никакви изговори и оправдувања не може да оправдаат војна – вели Николоски.

Тој додава дека Советот на Европа е основан во 1949 година на урнатините на Втората светска војна, со цел, нагласува Николоски, на Европскиот континент да овозможи соработка и основно почитување на човековите, јазичните и малцинските права, а страдањата од војната никогаш да не се повторат.

Советот на Европа е толку значаен, што исклучувањето од членство може да се спореди само со иклучување од членство во Обединетите нации – објаснува потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, кој воедно е и потпретседател на групата на Европската Народна Партија во Парламентарното Собрание на Совет на Европа.

Покрај него, во Парламентарното Собрание на Европа учествуваат и Дарко Каевски од СДСМ и Арта Биљали Зендели од ДУИ.

В.С.

Поврзани новости