Во Стразбур се одржува редовната сесија на парламентарното собрание на Советот на Европа, на која ќе се разговара за европската перспектива на Западниот Балкан од којшто дел е и Македонија, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
-Во рамки на овој извештај особено ќе ја потенцирам улогата на Македонија, како фактор на демократија и стабилност во целиот регион, но исто така ќе кажам дека Македонија долги години чека да ги почне преговорите за членство со ЕУ. Тоа е неправедно затоа што најпрво Грција ја блокираше Македонија со своето вето да ги почне преговорите, а сега тоа го прави Бугарија. Бугарија го прави на најлош можен начин, оспорувајќи го македонскиот национален идентитет, македонската засебност, култура и историја, како и самобитноста и постоењето на македонскиот јазик. Тоа не се европски вредности, тоа не се вредности коишто се делат во Советот на Европа и во ЕУ. Тоа не се вредности коишто се признати во Стразбур и во Брисел – вели Николоски.
Според него, многу е значајно целокупната Европа да застане зад Македонија и да поддржи почеток на преговори со ЕУ без никакви дополнителни условувања од страна на Бугарија.
-Промената на Уставот што ја бара Бугарија и на којашто, за жал, се согласи капитулантската Влада на СДСМ и ДУИ е директно задирање во внатрешните работи на Македонија и не смее да е услов за почеток на преговори со ЕУ. Секако тука остануваат и борбата со организираниот криминал и корупција и воведувањето на функционален систем на владеење на правото. За жал, корупцијата е највисока од постоењето на независна Македонија со оваа Влада на СДСМ и ДУИ. Нема сектор каде што нема корупција. За жал, економијата тоне, а корупцијата цвета во Македонија – нагласи Николоски.