Бугарија не ги почитува јазичните и културните права на Македонците, мора да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права во корист на Македонците, истакна во своето обраќање во Советот на Европа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски.
-Европскиот суд за човекови права е еден од клучните елементи на Советот на Европа. Тоа е место каде што стотици илјади европски граѓани бараат правда. Мора да разговараме и мора да поставиме цврста агенда која ќе создаде ефикасен механизам што ќе ги натера земјите-членки да ги спроведат одлуките и пресудите на Европскиот суд за човекови права.
Бидејќи многу често се донесуваат пресуди- одлуки од страна на Европскиот суд за човекови права и земјите членки истите не ги спроведуваат.
Можам да споделам еден пример поврзан со Македонците и македонското национално малцинство во Бугарија. Во овој момент има шеснаесет пресуди или одлуки на Европскиот суд за човекови права кои не се спроведуваат во Бугарија. Шеснаесет не се спроведуваат, не една, не две туку шеснаесет пресуди и одлуки на Европскиот суд за човекови права не се спроведуваат!, рече Николоски во дел од својот говор.