Николоски: Од интерес на народот е изборите да се споени, за да не се трошат 8 до 10 милиони евра

by Fokus

Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во вечерашното гостување на телевизија Алфа рече дека најдобро е претседателските и парламентарните избори да се спојат бидејќи во услови кога економијата е девастирана најмалку што треба е Македонија да троши од 8 до 10 милиони евра за одржување на изборите.

„Очајот нема граница и очигледно овде сме во ситуација каде што очајот на СДСМ и ДУИ го гледаме на сцена. Избори во Македонија ќе се случат тоа е законска и уставна обврска. Логично е, рационално е Македонија два пати да не троши пари за избори затоа што во една ваква девастирана економија каде што последните податоци велат дека поскапувањето на храната е за цели 46 проценти, значи тоа е за нешто половина, ако граѓаните пред половина година купувале да речеме за 100 денари сега истото го купуваат за 150 денари. Ако до пред година и половина можеле да пазарат за дома, за неколку дена за 1000 или 1200 денари сега истото го купуваат за 1500 до 2000 денари. Така што јасно е каде е државата економски. И во такви услови последно што треба да прави Македонија е два пати да троши од 8 до 10 милиони евра со опасност да треба и три пати да троши бидејќи можно е претседателските избори да не се успешни затоа што треба консензус во вториот круг од 40 проценти излезеност“ – рече Николоски.

Според него, ако се гледа партиски интерес тогаш на ВМРО-ДПМНЕ им одговара да има раздвоени избори, но доколку се гледа интересот на народот – тогаш подобро е да има споени избори се со цел да не се трошат дупло пари.

Тој рече дека вкупната разлика меѓу претседателски и парламентарни избори е два месеци, додавајќи дека доколку изборите се одржат одделно тогаш државата ќе биде замрзната од 6 до 7 месеци, но и ќе се потрошат многу пари, бидејќи како што рече еден изборен циклус чини од 8 до 10 милиони евра.

Николоски истакна дека колку и владата да купува сега време и да си продолжува уште 2 месеци владеење, изборниот резултат и од претседателските и од парламентарните избори е се поизвесен, односно како што рече тој идната влада ќе биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Мицкоски, а претседател на државата ќе биде лице кое ќе биде предложено од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости