Порталот „Фронтлине“ во сопственост на Џабир Дерала спонзорира на фејсбук целосно лажни вести за мене, прават видео со исечени реченици од мое интервју, го монтираат и пуштаат спонзорирано на Фејсбук, обвини потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски.
„Се надевам после ова сериозно ќе размислат нивните донатори пред се од Европските земји и останатите кои го финансираат дали треба да продолжат да финансираат создавачи на лажни вести со цел политички поени за СДСМ и ДУИ“, напиша Николоски.
Дерала, пак, ја демантира и воедно ја осудува, како што вели, оркестрираната лажна вест дека нивната редакција го спонзорира или дека има каква било поврзаност со видео во кое Николоски е изваден од контекст.
„Ова е обид да се урне нашиот углед и кредибилитет, а клеветите ги отфрламе целосно и со индигнација. Очигледно е дека се работи за сатирично видео, како и тоа дека соговорникот на ТВ21, Николоски, е изваден од контекст, што исто така е за осуда. Ние такви сатирични видеа не продуцираме, ниту објавуваме, ниту спонзорираме“, реагираше Дерала.
Во меѓувреме, се огласи и Јовица Пауновски, уредник и водител на емисијата на ТВ 21 каде гостувал Николоски и од каде е извадено видеото.
„Чувствувам одговорност да кажам дека станува збор за монтирано и лажно видео. Гостинот не ги искажа овие ставови. Жално е што поединци го уништуваат новинарсвото“, наведе тој.
Инаку, станува збор за следново видео, кое, според Николоски, е спонзорирано од субјект чиј телефонски број всушност е редакцискиот број на „Фронтлине“.