Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вечерва најави дека на почетокот од следната седмица ќе биде формирано Координативно тело за реализација на Договорот со Велика Британија за партнерство за остварување на инфраструктурни проекти.
Веќе наредниот вторник ќе имаме формирано Координативно тело за реализација на Договорот со Велика Британија. Министерството за финансии ќе започне процес за обезбедување на финансии и уверуваме дека ќе ја избереме најповолната опција за финансирање на проектите, истакна вицепремиерот Николоски во вечерашното интервју во Топ Тема.
Тој истакна дека до вторник треба да биде подготвен и првиот капитален проект, а тоа е брзата пруга од Табановце до Гевгелија.
Очекувам до вторник да сме подготвени со првиот иницијален проект, а тоа е брзата пруга од Табановце до Гевгелија. Владата треба да го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансирање за проектот. Следниот чекор би било Министерството за финансии низ еден транспарентен и конкурентен дијалог да испрати барање за финансирање до сите релевантни меѓународни финансиски институции и тие да се натреваруваат меѓу себе која ќе понуди најдобри услови за финансирање. Ние мислиме дека тоа ќе е Велика Британија, но дај боже да се пријави некој што ќе понуди поинакви услови и поевтино финансирање. На пример, ако Велика Британија понуди дека може да финансира 95 отсто од сумата по одредена камата, а се појави друга држава која може да финансира 100 проценти од сумата по пониска камата, секако ќе ја избереме другата варијанта, вели Николоски.