Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски истакна дека имаат три чекори за спречување на владата да го прифати францускиот предлог.
-Првиот чекор е масовни протести, мора да продолжат протестите и да се масовни. Многу сум благодарен на сите што излегуваат, ги поканувам да продолжат да излегуваат. Сите оние кои што сакаат да излезат а се двоумат дали да излезат дојдат и да ни се приклучат – рече Николоски на Алфа.
Тој додаде дека вториот чекор е брзи предвремени избори.
-Да ја срушиме оваа влада во следните неколку недели со цел да можат да се случат на есен брзи предвремени избори со цел целиот овој договор да не биде прифатен – рече тој.
Третиот чекор, како што посочи, е уставна блокада.
-ВМРО-ДПМНЕ јасно стои на ставот дека не прифаќа отворање на македонскиот Устав и внесување на Бугарите во него со што францускиот предлог пропаѓа. Без ВМРО-ДПМНЕ нема двотретинско мнозинство, не може да се смени уставот, а доколку има предвремени избори ВМРО-ДПМНЕ ќе има апсолутно мнозинство и воопшто нема да разговараме за промена на Уставот – порача Николоски.