Продолжува размената на обвинувања меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и ДУИ, која започна откако Николоски во интервју за „Фокус“ истакна дека автопатската траса кон Блаце била прецртана во планински дел, каде, според него, земјиштето преминало во сопственост на функционери од врвот на „интегративците“.
–Трасата се поместува низ планината и од 13 километри испаѓа 6 километри да се тунели. И проектираната цена, за која има обезбедено средства од Европската банка за обнова и развој, од 171 милион евра, се качува на 240 милиони евра, или ја креваат вредноста за 70 милиони евра, што ќе го направи најскап автопат било каде во регионот, бидејќи еден километар би чинел 20 милиони евра. Тоа е расипничко трошење пари.
Плус, прашање е дали тој автопат воопшто е изводлив? Прво, дали има компанија што може да изведе 6 километри тунели за 4 години? Јас мислам дека нема, со цела почит кон сите. И второ, со што ќе се спои овој автопат на косовска страна – рече Николоски во интервјуто, додавајќи дека на оваа нова траса, во делот што треба да се експроприра, нови сопственици на земјиштето станале функционери од врвот на ДУИ во периодот кога се проектирала трасата.
Во однос на тоа, реагираа од партијата на Али Ахмети, посочувајќи дека тврдењата на Николоски во однос на придобивките на функционерите на ДУИ од експропријација при изградба на автопатот Скопје-Блаце се неосновани и целосно невистинити. Како што нагласија од таму, трасата на автопатот била избрана за да се избегне уништување на гробиштата Блаце, како и на воениот полигон „Стенковец“.
„Овој проект е финансиран со кредит од ЕБОР, каде што околу 30 милиони евра се грант. Трасата на автопатот беше избрана за да се избегне уништување на гробиштата Блаце и на воениот полигон Стенковец. Овој основен проект, подготвен за повеќе од 2 години, е тендериран и оваа Влада само треба да го избере изведувачот на работите и да започне изградбата. Секој редизајн ќе трае речиси 3 години.
Што се однесува до експропријацијата, минималната цена за експропријација која досега ја плаќа државата на таа делница е 2 евра, а максималната е 20 евра, така што тврдењата на Николовски се апсурдни. Затоа го повикуваме министерот Николовски да изнесе конкретни докази за неговите обвинувања. Доколку не го направи ова, ќе го сметаме за креатор на лажни вести и пропаганда како и противник на проектите што не поврзуваат со Албанија и Косово“, стои во соопштението на ДУИ.
Неколку дена подоцна, односно во текот на вчерашниот ден, Николоски се огласи во врска со оваа реакција на ДУИ. Во гостување на телевизијата Алфа, тој рече дека образложенијата на опозициската партија за новата автопатска траса се смешни, бидејќи, според него, целосно нов спортски аеродром може да се изгради за 10 до 12 милиони евра, колку што чини половина километар од автопатот кон Блаце.
–Видов дека реагираа после моето интервју во „Фокус“, велејќи дека морало тие тоа да го направат за да се заштити спортскиот аеродром Стенковец и некои локални гробишта. Спортски аеродром се гради за пола километар вредност од тоа што овие ќе трошат по километар. За 10 до 12 милиони евра перфектен спортски аеродром ќе изградиме каде сакате. Тоа се смешни образложенија.
Јас побарав од истражувачкото новинарство, јас се уште не сакам да излегувам, да проверат по трасата кои се луѓето што купиле имот, кога го купиле имотот и да видат дали тие имиња не се интересни за јавноста – изјави тој, и додаде дека само што станал министер добил ревизорски извештај за јавните претпријатија за патишта и за железници, па сега, како што вели, на потег е Јавното обвинителство.
Влатко Стојановски