Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, изјави дека сериозно се разгледуваат понатамошните чекори кои тие како опозиција би ги презеле во однос на нивното учество во техничката Влада, во која би добиле министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика и три заменички места со врзан потпис.
-Власта соочена со нискиот рејтинг и со извесниот пораз на изборите се обидува да направи било какви манипулации не за да победат на избори, туку за да изманипулираат за некој пратеник плус – рече тој.
Дополнително, вели, тоа се гледа преку обидите на власта да не се избере член на ДИК кој би дошол од таборот на опозициските партии на Албанците.
-Алијанса за Албанците стана член на Владата скоро пред година дена и со тоа го изгуби местото во ДИК. Според закон тоа припаѓа на опозицијата. Законот вели ДИК има 7 члена од кои 4 на власта и 3 на опозицијата. Во моментот тоа едно место е непополнето иако сите знаат дека треба да е на опозицијата. Иако се прекршени неколку закони имајќи предвид дека во законите има јасни норми и процедури за колку време треба да се пополни ДИК – изјави Николоски.
Оттука, според него, јасно се гледа дека со поигрувањето со овој процес, актуелната власт сериозно размислува за манипулации во изборниот порцес и дека затоа тие како партија сериозно ќе размислат за учество во Владата.
Но, како што истакнува, тие нема да дозволат гласот на граѓаните и нивната волја да биде изманипулирана.