Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листа во Изборната единица 4, Александар Николоски денеска од Прилеп истакна дека остануваат клучните ветувања поврзани со земјоделството, пред се со откупот на тутунот.
– Ќе повторам на првата седница на влада изгласување на закон со кој што ќе се забрани кило тутун да се увезе во Македонија пред целосно да се откупи домашниот тутун. Во исто време, пред недела дена споменав, но еве недела дена помина и немам никаков одговор да го поставам повторно прашањето: директорот на Тутунскиот комбинат поставен од Владата, тутунскиот комбинат целосно во сопственост на државата, зема нето 3.5000 евра плата, бруто 5.500 евра плата. Како е тоа возможно во услови кога земјоделците и тутунарите едвај врзуваат крај со крај, рече Николоски, додавајќи дека тоа е нешто за што мора да има одговорност.
– Едно од основните ветувања од нашата програма е враќање на владеењето на правото, како еден од најзначајните проекти е проектот за испитување на потекло на имот и капитал на сите носители на јавна функција во изминатите 30 години. Јавно го повикувам Зоран Заев да излезе во јавност и да каже дали е во состојба да го докаже потеклото на сопствениот капитал и капиталот на неговото семејство кое во изминатите 18 години колку што тој е вкупно на функција стана најбогато семејство во Македонија, нагласи Николоски, кој го повика Заев на ТВ дуел.