„Мојот противкандидат во ИЕ 4 секојдневно ја злоупотребува неговата докторска професија за која е платен како и секој друг што е вработен во државава и не прави никому услуга со тоа што лечи пациенти, туку тоа му се обврска. Гледате секојдневно како ја злоупотребува својата лекарска професија. Слушнав последно на перверзијата да и нема крај дека во секоја општина определил по еден човек кој е задолжен да прашува дали има некој болен, па да му се јава него па тој побрзо да закажал преглед или операција доколку е потребна“, истакна носителот на ИЕ 4 од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Богданци.
Николоски истакна дека на тој начин човекот кој беше министер за здравство го руши здравствениот систем затоа што на некому преку ред да му закажат преглед или операција тоа значи дека за вас е ден повеќе или недела повеќе чекање што накрај може да ве чини живот.
„Урнисувањето на системот и фаќањето на врски во тој систем значи нови смртни случаи во Македонија, а злоупотребата на пациентите и јавувањето по семејства да се сликаат во изборни цели е најголемото дно кое Македонија го видела. Слушам дека масовно е одбиван дека откако семејствата разбраа за што се работи одбиваат добар ден да му кажат, а камо ли да се сликаат со него и затоа веќе нема реклами од типот му помогнав на овој, го оперирав оној итн., на тоа мора да ставиме крај на 8 мај за здравствениот систем да се среди за да не треба на никому да се јавувате, молите или да ви прави услуга туку да ја добиете здравствената услуга на најбрз можен начин, на најдобар можен начин и на тој начин да си го заштитите здравјето. Затоа масовно на 8 мај да ставиме крај на овие злоупотреби и да имаме систем во кој сите ќе веруваме“, дециден е Николоски.