Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, во изјава од Луксембург, вели дека отишол таму за да даде поддршка за почеток на преговори на земјава со ЕУ, ама дека не видел луѓе од власта.
-Денеска решив да дојдам во Луксембург, каде што се одлучува дали Македонија ќе почне преговори за членство со Европската Унија. Решив да дојдам тука како потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, но и како претседател на Националниот совет за евроинтеграции. За да дадам поддршка на почетокот на преговори на Македонија со Европската Унија. Би сакал да видам дека тука е и Владата и власта, но за жал ги нема. Не го видов тука ни премиерот, ни министерот за надворешни работи, ниту вицепремиерот за европски прашања. Можат да речат дека не се поканети. И јас не бев поканет, но дојдов. Битката за Македонија се води таму каде што се носат одлуките, изјави Николоски.
Тој посочи дека Луксембург, каде што денеска се одржа Советот за општи работи на ЕУ, остварил средби со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, министерот за надворешни и европски прашања на Хрватска, Гордан Грлиќ Радман и претставници од Европската комисија.
-За жал, гледаме дека Бугарија повторно реши да блокира, но исто така гледаме дека политиките што ги води владата на Заев, пред се во делот на справувањето со корупцијата – што не се случува, владеењето на правото – што го нема и економското тонење исто така влијаат врз одлуката за почеток на преговори, што, за жал, не се случи. Решив самоиницијативно да дојдам за да дадам поддршка, но во исто време да им кажам на сите тука дека ние зборуваме македонски јазик, ние сме Македонци, ние сме горди на нашата култура, традиција и историја, и така и ќе остане и тоа го знае цела Европа. За жал денес власта во Македонија не е присутна во Луксембург да се бори за Македонија, повеќе ги интересираат личните интереси, отколку битката за Македонија, вели тој.