Изборниот законик е многу јасен, а тоа е дека изворите ги спроведува ДИК која е составена од 7 члена од кои 4 се на власта и 3 на опозиција. Во моментов опозицијата има два претставници затоа што едно место е испразнето откако Алијанса за Албанците промени страна влегоа во Влада тоа место се испразни и останува година дена непополнето што е спротивно на Изборниот законик каде има точни рокови за пополнување, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на гостување во централниот Дневник на МРТ.
Според Николоски самото тоа што не се пополнува, и што Талат Џафери и претседателката на Комисијата за избори и именувања играат игра за непополнување на местото јасно говори дека има други намери.
„Веројатно се свесни, тоа е класично кривично дело. Се работи за злоупотреба на службена положба. И дури и со ваков изменет Казнен законик ги фаќа и има одговорност. Не може да не се почитува законот. Тоа повлекува и други работи, членовите на ДИК делегираат членови на избирачки одбори и набљудувачи што го гарантира текот на изборниот процес“, рече Николоски.
Потпретседателот Николоски укажа „ние нема да оставиме ова вака да помине“.
„Утре ќе има седница и се надевам ќе има разум кај владејачкото мнозинство и ќе се избере член од албанската опозиција или ние ќе преземеме порадикални чекори напуштање на ДИК, па нека организираат избори сами“, кажа Николоски.
Николоски укажа дека за изборите клучно и основно прашање е дали целиот процес ќе е демократски и фер, додавајќи во однос на коалицирањето дека со ова раководство на ДУИ коалиција нема.