Мене ме изненади што воопшто стигнавме како држава до предлог, а уште повеќе ме изненади што предлогот не беше одбиен првиот ден кога проциркулира во јавноста, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, коментирајќи го „францускиот предлог“.
-Доколку сериозен беше односот кон државата прво не смееше Владата да дозволи воопшто да се стигне до таков предлог, затоа што, да не се лажеме, од самиот старт биле вклучени, и го тврдам, во разговорите и во преговорите со бугарската страна со посредство на француското претседателство. А, второ кога веќе се стигна до таков предлог требаше да се отфрли уште првиот ден – рече Александар Николоски на Сител.
Тој додаде дека Бугарија го смета предлогот како освоена територија.
-И Бугарија сега нема да си дозволи да седне и да разговара за ништо помалку од она што веќе го има на маса, а тоа што го има на маса е катастрофа за Македонија и македонскиот народ. Јас бев свесен што ќе прават уште првиот ден кога почнаа да даваат едни смешни изјави од власта дека никој до нив официјално не го дал предлогот – рече Николоски.
Според него, премиерот Димитар Ковачевски во Брисел глумел, како што рече, задоцнет патриот.
-Ако внимателно се прочита што зборуваат круговите на власта откако во Бугарија се донесе одлуката пред ден и нешто, веќе има едно повторно вртење дека можеби предлогот не е лош. Дури и малку смешно како одредени поддржувачи на власта за 3-4 дена како даваат различни изјави. Така што доколку Бугарија имаше донесено одлука на денот кога беа во Брисел, јас се уште мислам дека Ковачевски ќе го прифатеше затоа што гледам дека оние кои што се блиски до Владата на СДСМ и ДУИ веќе се обидуваат да направат простор дека ова е добро – рече тој.