Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски вечерва одржа вонредна конференција, поради, како што рече, во врска со објавените ПИ-мерки за случајот „Рекет“, за кој тој вели дека јасно и недвосмислено се гледа дека Зоран Заев и врвот на СДСМ стои зад целиот случај и дека рекетот бил координирана акција.
-Од објавените снимки лесно може да се дојде до заклучок дека Катица Јанева лани во јуни или јули имала минимум една средба со тогашниот премиер Зоран Заев. Второто е дека Зоран Милески имал средба со Вице Заев, братот на Зоран Заев. Што зборувале на тие средби и како е возможно да се среќавале ако претходно воопшто не се познавале, рече Николоски.
Тој побара Зоран и Вице Заеви да дадат исказ пред судот бидејќи со денешното рочиште во судот, како што вели, станало јасно дека случајот „Рекет“ бил добро координирана акција од самиот врв на власта во која се изрекетирани многу повеќе бизнисмени и земени се многу повеќе пари од она што се претставува.
-Ова е врв на скандалот. Бараме да се прикажат целосните снимки каде што Јанева се сретнува со Заев и да се појасни како се познавале, бидејќи тоа ќе потврди дека обвинетите биле извршители, а наредбодавци биле врвот на власта и семејството Заеви, рече Николоски.