Аферата „Мафија 2“ со двојни матични броеви отвора сомнеж за регуларноста на резултатот на последните парламентарни избори, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од Прилеп.
-Разликата помеѓу ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ беше само 12.000 гласа, да ја потсетам целокупната македонска јавност дека сите анкети пред изборите предвидуваа победа на ВМРО–ДПМНЕ, на крај завршивме до тесна разлика од само 12.000 гласа на ниво на држава предност за СДСМ. Логичното прашање кое што се поставува е дали овие 20.000 луѓе гласале 2 пати затоа што имаат дупли матични броеви и на тој начин се исфалсификувани околу 40.000 гласа и кога ќе одземете од тие 40.000, 12.000 разлика доаѓате до бројката од некаде 30 -тина илјади гласови колку што предвидуваа сите анкети дека ВМРО – ДПМНЕ ќе победи на изборите. Ги повикувам надлежните институции да го испитаат ова и да ја испитаат регуларноста на изборите, а доколку тоа не го направат после предвремените парламентарни избори кои што се надевам дека ќе се случат заедно со локалните избори ќе го испита новата влада предводена од ВМРО – ДПМНЕ, кажа Николоски.
Тој во изјава за медиумите денеска во Прилеп рече дека Аферата „Мафија 2“ е продолжение на аферата „Мафија 1“.
– Видовме дека 214 белосветски криминалци нарко босови, атентатори, убици добиле македонски пасош и на тој начин можат да патуваат слободно низ светот и да ги вршат криминалните дела. За тоа да се случи секако се потребни дупли матични броеви со цел да се украде идентитетот на било кој граѓанин. Нашите податоци доставени до ВМРО -ДПМНЕ преку свиркачи е дека има 20.000 дупли матични броеви што говори дека на 20.000 луѓе потенцијално им е злоупотребен идентитетот, појасни Николоски.