Никола Саркози од денеска ќе носи електронска алка на ногата

by Fokus

Поранешниот претседател на Франција, Никола Саркози, денеска ќе добие електронска алка на ногата. Тој беше осуден на носење поради корупција и трговија со влијание, изјави извор близок до случајот.

Саркози (70) минатата недела беше повикан во парискиот суд за да биде информиран за условите на казната, невидена за поранешен шеф на држава, објави „Фигаро“.

Според неименуван извор, алката се уште не била поставена утрово.

Највисокиот француски суд, во декември ја потврди пресудата на поранешниот француски претседател за корупција и трговија со влијание.

Саркози поднел жалба на пресудата од 2021 година за корупција и трговија со влијание, која го осуди на три години затвор, објави Ројтерс.

Две години затвор беа условни, а Саркози беше осуден да носи електронски уред за следење една година наместо да оди во затвор.

Одлуката на судот значи дека Саркози ќе мора да носи електронска алка за нозете и нема да има право да се кандидира за јавна функција три години.

Саркози, кој остана главна фигура во француската политика дури и по напуштањето на функцијата во 2012 година, беше прогласен за виновен од понискиот суд за обид за поткуп на судија и трговија со влијание во замена за доверливи информации за истрагата за финансирање на кампањата во 2007 година.

Судот утврди дека Саркози направил заговор да обезбеди работа во Монако за судија во замена за внатрешни информации за истрагата за наводите дека прифаќал незаконски плаќања од наследничката на L’Oréal, Лилијан Бетенкур.

Судијата Гилберт Азиберт исто така беше осуден за корупција и трговија со влијание.

Саркози, исто така, се соочува со судење по обвиненијата за корупција и нелегално финансирање поврзани со наводното либиско финансирање на неговата претседателска кандидатура во 2007 година. Саркози ја негира вината.

Доколку биде осуден во тој случај би можел да добие и до 10 години затвор, пренесува Танјуг.

Поврзани новости