Никола Николовски – Боемот: Имам сомнежи во одредени лица, но не верував дека ќе отидат толку ниско

Интервју со приведениот за лажните дојави за бомби во училиштата

by Fokus

Минатата седмица скопјанецот Никола Николовски познат како Боемот од социјалните мрежи, беше уапсен од полицијата под сомнеж дека е пријавувач на лажните дојави за бомби во скопските училишта.

Истиот ден тој беше ослободен поради недостаток од докази за негова вмешаност во тој случај. По ваквиот сплет на настаните, „Фокус“ разговараше со Николовски, кој не го криеше разочарувањето од тоа што бил во центарот на вниманието во негативен контекст.

„МВР барајќи сензационалност и спектакуларност, соопштија вест без да биде поткрепена со ниту еден сериозен доказ. Соопштението кое го испратија ден потоа значеше ретерирање од ставовите. Но, јас и македонската јавност не слушнавме која беше потребата целата работа да се одвива на таков спектакуларен начин, кога немаш ниту еден доказ за тоа. Да бидам искрен, сѐ уште сум во неверување за она што се случуваше претходните неколку дена. Иако, уште истата вечер се испостави дека немам никаква вина во однос на целата оваа ситуација, стресот е преголем кога си во очите на јавноста, кога вооружени лица ти влегуваат во домот како најголем криминалец, кога ти вршат распит повеќе од 10 лица“, вели Николовски за „Фокус“.

Според него, апсењето било дефокус на јавноста, и како што додава, сето тоа поминало мошне лошо кај јавноста.

„Дали станува збор за дефокус од секојдневните политички случувања или пак од случувањата поврзани со подметнатните бомби, не би можел да кажам со сигурност. Одредени лица или безбедносни структури кои подолг период не успеја да ги најдат вистинските виновици за бомбите, се обидоа да направат одредена ПР кампања која падна на мојот грб. Мислам дека истата помина лошо во јавноста. Јас мислам дека со ова, вистинските сторители сакаат да направат дефокус од јавноста, а сметам дека надлежните избрзаа неколкупати во целиот овој случај.


Имам сомнежи во одредени лица, но искрено не верував дека ќе отидат толку ниско. Мојот став е дека зад сите овие случувања стои идејата на одредени лица кои сакаат по секоја цена да ме оцрнат мене и моето семејство, па на ваков начин се обидуваат да ми наштетат“, раскажува тој.

После обелоденувањето на неговото име во јавноста, тој се соочил со низа навредливи коментари во јавноста, но потенцираше – ќе продолжи да го истакнува својот став за одредени работи во општеството.

„Имаше многу избрзани коментари кои за жал звучеа невкусно бидејќи се изградени врз основа на лажна ПР приказна. Истата вечер кога МВР „триумфално“ објави дека го нашла сторителот и притоа ги наведе моите иницијали, а непосредно потоа на Твитер се објавија моите податоци читав секакви навреди и лоши зборови. Но, уште истата вечер откако вистината излезе на виделина речиси сите коментари беа на моја страна и за моја поддршка. По сѐ ова што се случи, јас преку мојот профил „Боемот“, но и низ најразлични активности ќе продолжам да го истакнувам својот став на сите општествени теми бидејќи најважна ми е поддршката од младите кои бараат промени во општеството“, вели Николовски.

Тој досега немал никаков проблем со законот во Македонија, а признава дека добивал притсоци поради изнесените ставови на социјалните мрежи.

„Јас сум млад и мирен човек, кој се занимава со модерна технологија и со социјални мрежи. Верувам во државата, ги почитувам државните институции и секогаш ги почитувам законите. Веќе пет години на Инстаграм преку мојот профил „Боемот“ активно пишувам за проблемите на младите луѓе, па оттука го имам ставено и мотото „мегафон на тивкото мнозинство“. Низ годините сум добивал многу притисоци и закани секогаш кога сум пишувал на некои „опипливи“ теми, но никогаш тоа не било толку сериозно како сега.

Никогаш не сум имал проблеми со законот во Македонија. Најголем „прекршок“ што сум направил во мојот живот е тоа што пред 2 години во Охрид на кејот не носев маска на отворено, па затоа ми пишаа казна од 10 евра. Друг пат, никогаш и во ниту една пригода го немам прекршено законот, а досега во мојот живот никогаш не сум бил во полициска станица“, го заврши разговорот тој.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости