Никола користеше породилно отсуство: Никогаш не успеав да го заспијам бебето дома, тоа го можеше само мајката

Стекнав неверојатно искуство, вели тој

by Fokus

Породилното отсуство насекаде низ светот во најголем дел од случаите го користат мајките на новороденчето, со цел поголема блискост и грижа за бебето во текот на тие месеци. Во одредени случаи, тоа го прават и татковците а скопјанецот Никола Здравевски е еден од нив.

Здравевски користел породилно отсуство во времетраење од два месеци и за „Фокус“ ја раскажа својата уникатна приказна.

„За користење на татковско отсуство се одлучив делумно од тоа што имам колеги од скандинавските земји каде е сосема нормално татковците да користат денови за грижа на новороденче, но повеќе тоа што сфатив дека ми претставува особено задоволство да ги извршувам должностите околу бебето и дека многу подобра е амтосферата и односот дома кога се подлени обврските околу новиот член. За синот се грижевме само мајката и јас без помош од пошироката фамилија како што е често случај кај нас.

 

Во однос на процедурата, породилното отсуство (што е всушност боледување) на мајката го затвора матичниот гинеколог и остатокот од породилното се префрла на таткото исто преку гинекологот кој отвора боледување за таткото. Дополнително потребна е и потврда од работното место за мајката дека се враќа на работа. По поднесувањето на документите во Фондот за здравство, платата се исплаќа од фонд“, раскажува Здравевски.

Тој вели дека наишол на позитивна реакција од сопругата по ваквата одлука и веднаш се вклучил во грижата за бебето од првиот ден.

„Рекацијата на сопругата беше позитивна бидејќи и беше потребна промена на средината и дневни задачи поради долгата монотоност и тоа што последните месеци од бременоста таа беше дома со препорака за одмор. Сосема природно и со разбирање би рекол одеше комуникацијата за тоа. Совети искрено немав многу бидејќи бев вклучен и се интересирав за грижата уште од првиот ден“, додава тој.

Кога сте сам со новороденче, тоа со себе си носи посебни предизвици, а некои работи едноставно се невозможни без помош од мајката.

„Најголем предизвик ми беше дневното заспивање. Знаев дека многу полесно заспива во количката па секогаш кога плачеше за спиење излегувавме надвор. Јас сум човек што сака да е надвор така што немав проблем со тоа. Во текот на работното време два пати излегувавме од дома од кои што еднаш беше за спиење по пат и доење кај мајката. Никогаш не успеав дома да го заспијам, тоа беше ексклузивна способност на мајката преку доењето“, вели Здравевски.

Периодот што го користел како продилно отсуство, нашиот соговорник вели, дека претставува неверојатно искуство за него. Тој се надева дека неговиот случај ќе мотивира и други луѓе да го направат истото.

„Стекнав незаменливо искуство и зближување со моето дете. Сметам дека кога времето е посветено само на тоа – како татко без работни задачи, помал е стресот и времето поминато заедно е многу по убаво и драгоцено. Но, никако не е лесно и мора да се има љубов и волја за целодневна работа и ангажман околу детето. Инаку, освен доењето и заспивање дома, во можност бев сѐ друго да извршам за бебе од 7-9 месеци. Мислам дека мојот случај е многу редок и голем број од луѓето со кои зборував не знаеја дека постои ваква можност. Конечно, мислам дека би било фер и праведно да се вклучи задолжително татковско отсуство за новороденче“, додава тој.

За крај, нашиот соговорник ги советува татковците да не се плашат од нешто што во старите времиња погрешно го викале женска или бабска работа. Најприродно нешто е, додава тој, татко да си го сака и чува детето.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости