Формирањето на првата влада на Република Македонија по стекнувањето (поточно во процесот на стекнување) на независноста на државата, на чело со академик Никола Кљусев (1927-2008) беше добар почеток и израз на национално и граѓанско помирување.
Пишува: Ристе ЉУБОТЕНСКИ
Ние, Македонците навистина сме терсене народ! Триесет и три години се одбележува и „слави“ Денот на независноста, а притоа голем дел од граѓаните сѐ уште не знаат зошто се слави и што се случило на тој ден.
Уште повеќе, ниту една од надлежните институции (или барем историчарите) не чувствуваат за потребно да истражат и да остават писмени траги за тоа кој и каква улога одиграл и имал во подготовките и одржувањето на референдумот за независност, кој и колку бил недвосмислено „за“, кој и колку бил „резервиран“ и кој и колку бил против!
За жал, таквиот однос кон сопствената историја и кон сопствените историски и неисториски дејци како да е дел од нашиот национален код. За него, голем дел од соседните и другите народи јасно го определуваат како индивидуално паметни, а колективно глупи луѓе. Тоа е така затоа што сме, благодарение на нас самите, но и на долгорочното историско влијание на соседите, завидливи, меѓусебно спротивставени и поделени.
Сето тоа придонесува крајниот резултат да биде погубен врз националното и државното ткиво на македонскиот народ. Кога на тоа ќе се придодаде алчноста за власт и пари на партиските и политичките „лидери“, тогаш јасно е зошто иднината ни е неизвесна.
ДОБАР ПОЧЕТОК
Формирањето на првата влада на Република Македонија по стекнувањето (поточно во процесот на стекнување) на независноста на државата на чело со академик Никола Кљусев (1927-2008) беше добар почеток и израз на национално и граѓанско помирување.
Таканаречената „експертска влада“, всушност, беше резултат на идеолошки и политички компромис создаден како резултат на самосвесноста дека тоа се историски моменти во создавањето на македонската државност.
Придонесот на „експертската“ влада на Никола Кљусев беше голем. Во тој краток период на опстојување, Република Македонија, монетарно и воено се осамостои од тогашната СФРЈ, формира свои институции и го почна процесот на своето етаблирање на меѓународен план.
За жал, апетитите за власт и пари на младите „јастреби“ од СДСМ (Бранко Црвенковски) и на Љубчо Георгиевски (ДПМНЕ) многу бргу натежнаа. Во содејство со не принципиелниот став на Глигоров, владата предводена од Никола Кљусев беше урната.
Нејзиниот пад го отвори процесот на „бандитскиот капитализам“ во Македонија од една и атентатот на Глигоров од друга страна.
СЕЌАВАЊЕ И ПОЧИТ
Местото и улогата на Никола Кљусев во политичката историја на Македонија допрва ќе се истражува и определува. Но, она што може државата и неговиот роден град Штип да го направат е да именуваат некоја улица или институција во Штип со неговото име.
Во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип работи Економски факултет. Би било доблесно и израз на почит тој да го добие името на првиот претседател на првата влада на независна Република Македонија, кој, како што е познато, беше меѓу врвните македонски економисти во тоа време.
Можности има многу. Прашање е само дали се има желба и самосвест за оддавање трајна почит кон создавачите на нашата историја. Затоа што односот кон нашите дејци не е однос само кон нив, туку и однос кон нас самите и сопствената историја.