Младиот пливач Никола Ѓуретановиќ (16), е првиот македонски спортист кој вчера настапи на Олимписките игри во Париз, а на шести август се враќа во Македонија.
Тој ја заврши трката од 400 метри слободно со резултат 4:05.38,пливаше со петмина натпреварувачи, и го зазеде последното место во квалификациите.
Момчето, кое е најмладиот член на македонскиот олимписки тим во Париз, со ова го заврши учеството на ОИ, а по враќањето во Македонија продолжува со напорните тренинзи за претстојните натпревари.
Околу тоа колку откажувања, труд и финансии се потребнии за овој спорт во Македонија, најдобро знаат семејствата на младите пливачи, за кои самото учество на Никола на Олимписките игри претставува огромен успех.
Во разговор со ,,Фокус” некои од родителите, чии деца се професионално свртени кон пливањето, раскажуваат дека за жал, состојбата во државата е таква, што речиси воопшто немаат институционална поддршка, и самите се борат за остварувањето на сонот на нивните деца.
-Се случува за учество на натпревар во странство да треба да одвоиме од џеб и по пет илјади евра. Условите за тренинг, нашите јавни базени, сето тоа е посебна приказна. Соочени со низа на предизвици, овие деца и нивните семејства, сепак не се откажуваат од сонот и го даваат својот максимум за да ја прикажат Македонија во најдобро светло. Ние сме горди на Никола, на неговите врвни резултати во изминатите години, на сите негови младински рекорди освоени досега.
Тој има резултати кое се во топ остварувањата во земјата и регионот. Како потсетување, во Дубровник тој го собори Националниот младински рекорд на Александар Маленко, и пред него стои блескава спортска иднина. Горди сме на ова момче, раскажуваат родители на младинци пливачи.
Додаваат дека недоволната државна поддршка за овие деца не е нешто ново, и се изненадиле кога неодамна сите деца заедно со родителите биле повикани на средба со министерот за спорт, Борко Ристовски.
-Бевме изненадени од поканата на министерот Ристовски, тоа беше првпат некој од политичкиот врв да се заинтересира за нас, да ни даде поддршка и да ни каже дека не сме сами, дека има разбирање за нас, како семејства, и за сите предизвици со кои се соочуваме ние и нашите деца, надежни пливачи.
На еден неофицијален кафе-муабет со министерот, ние за првпат добивме надеж дека државата конечно ќе започне да се залага и на ова поле, дека нештата ќе се променат на подобро и младите пливачи ќе ја добијат потребната институционална поддршка.
Ристовски дури и ни се извини што досега на ова поле не се работело доволно, што изостанала потребната државна грижа, велат родителите.
И минситерот Ристовски се огласи по повод учеството на Никола на Олимписките игри и порача дека тој е пливачка надеж.
-Неискуството, тремата и можеби недоволната грижа од страна на државата си го направија своето. Резултатот можеби не е најдобриот, меѓутоа Македонија и ние како нација мораме да си ги чуваме и негуваме нашите претставници. Затоа Никола, главата горе и нека небото ти е лимит, истакна министерот, порачувајќи дека тој и министерството секогаш ќе бидат на страната на спортот и спортистите, и дека Македонија и нејзините чеда се сакаат кога победуваат и кога губат.
Вики Клинчарова