Веројатно никој од нас нема да има работа во иднина поради развојот на вештачката интелигенција (ВИ), но проблемот ќе биде да се најде смислата на постоењето, изјави американскиот претприемач Илон Маск.
Говорејќи преку веб-камера на конференцијата Виватек во Париз, тој нагласи дека за реализација на ваквото сценарио се неопходни „универзални високи приходи“ и иднина во која нема да има недостиг од стоки и услуги, пренесува Си-Ен-Ен.
Според визијата на Маск, луѓето сепак ќе можат да работат ако сакаат, но тоа нема да биде задолжително.
„Ако сакате да работите работа која е некакво хоби, можете, но вештачката интелигенција и роботите ќе ја набават целата стока и ќе ги извршуваат сите услуги што ви се потребни“, вели сопственикот на компанијата Тесла.
Во исто време, тој изјави дека е загрижен за развојот на вештачката интелигенција и ги повика родителите да го организираат пристапот на нивните деца до социјалните медиуми, бидејќи овие платформи се „програмирани од вештачка интелигенција која го подига допаминот до максимум“.
Маск на почетокот на годинава изјави дека вештачката интелигенција попаметна од човечката ќе биде достапна до 2026 година.
Извршниот директор на Baidu, Робин Ли, вчера на конференцијата Виватек изјави дека денешните најмоќни модели со вештачка интелигенција се уште се далеку од нивото на човечка интелигенција.
Ли верува дека ќе бидат потребни најмалку 10 години за вештачката интелигенција да ја надмине човечката интелигенција.