Текстот е објавен на 24 maj 2023 година во неделникот Фокус со број 1.442.
Државните институции остануваат ветени дестинации на заслужните партиски кадри, а најпривлечни се и за градоначалниците што изгубиле избори и за блиски роднини на функционери. Антикорупционерите констатирале дека тие се вработуваат без јавен оглас и дека има сомнежи за партиско влијание. Но, нема одговорност за никого!
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Сопругата на пратеникот Мартин Костовски од владејачката СДСМ, Ивана Костовска се вработила во Министерството за надворешни работи без јавен оглас, само со спогодба. Ова не го кажала опозициска партија, туку го утврдила институција чија работа е да „лови“ корупција.
Токму Државната комисија за спречување на корупцијата се сомнева дека пратеникот влијаел за вработување на неговата сопруга во МНР.
Но, останува само сомнежот бидејќи антикорупционерите не можеле да го утврдат потенцијалното влијание бидејќи сопругата на пратеникот немала конкуренција, немало пријави од други кандидати и немала законска можност за да постапува понатаму и да преземе некакви мерки.
Единствено, ДКСК му „извлекла“ цели 150 евра на Костовски оти не пријавил кај нив, во законскиот рок, дека жена му се вработила во државен орган, односно во Министерството за надворешни работи.
„Службеното лице Мартин Костовски, пратеник, во законски предвидениот рок по вработување на член на неговото семејство (сопруга) во Државен орган не ја извести Државната комисија за спречување на корупцијата, со што постапил спротивно на член 56 став 2 од Законот за спречување на корупцијата и судир на интереси, а казнив по член 105 став 1 алинеја 14 од ЗСКСИ. ДКСК спроведе постапка за порамнување со издавање на прекршочен платен налог“,утврдила Комисијата.
Глобата што е предвидена во Законот се движи од 300 до 500 евра, но бидејќи Костовски ја платил во рок од осум дена, тој платил само 150 евра.
Всушност Костовска била преземена со спогодба без јавен оглас на 28 март минатата година. Била советник за социјална заштита, заштита на деца и здравствена заштита во Куманово, од каде ја презело МНР и без јавен оглас ја вработило на неопределено време.
– Министерството има недостиг од кадар, кој ќе се посвети на тешката работа во дипломатијата. Нововработените почнуваат со минимална плата и треба години за да напредуваат во кариерата. Тоа е тешка професија, тие се некој вид номади, кои цел живот го поминуваат на различни места.
Госпоѓата Костовска е преземена од Куманово и сега е на пониска позиција од што била претходно – изјавуваше министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кога минатата година во јавноста се обелодени дека Костовска се вработила во МНР.
НЕ САКА СТРЕС ЗА ТАА ПЛАТА
Пратеникот Костовски пак не сака да бидел дел од вакви статии и не сака стрес и вознемиреност за неговото семејство за плата од 20 илјади денари.
– Мојата сопруга е политиколог со две магистратури, една во Македонија, другата во Полска, со просек 9,5 на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Има стаж од 11 години. Не сакам да сме дел од вакви статии, зашто за плата од 20 илјади денари се доведуваме како семејство во состојба на стрес и вознемиреност – вели Костовски на прашањата од „Фокус“ како го коментира тоа што го утврдила ДКСК и колку казна платил.
Така, Костовски помина само со казна од 150 евра и сомнеж. Исто поминаа и сите поранешни градоначалници што се „вдомија“ во Министерството за внатрешни работи, дури и без прекршочни пријави.
„Фокус“ минатата година пишуваше како Министерството што го води „вечниот“ министер Оливер Спасовски стана дом за „изгубените“ градоначалници и роднини на функционери.
Ова Министерство е вториот дом на семејството на поранешниот пратеник и амбасадор во Црна Гора, Зеќир Рамчиловиќ. Таму работат и неговата сопруга, а од неодамна и неговиот син.
Рамчиловиќ беше еден од осумте пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, кои во јануари 2019 година гласаа „за“ уставните измени предвидени со Преспанскиот договор. Потоа Рамчиловиќ стана и потпретседател на Собранието, а на изборите во 2020 беше кандидат на коалицијата на СДСМ.
Тој не го крие воодушевувањето од Спасовски, па објави и фотографија со него на која напиша: „со најдобриот министер за внатрешни работи“.
На социјалните мрежи објави и дека неговиот син е еден од новите 590 полицајци што ја поминале обуката во Центарот за обука на МВР.
По ова вработување, тој повторно е под лупа на Антикорупциската комисија бидејќи овој случај, како што рекоа од ДКСК, фрла сомнеж дека политиката вмешала прсти при вработувањата.
Неговиот син сега е втор член од семејството Рамчиловиќ што работи во МВР откако неговата мајка во 2019 година се вработи во кабинетот во МВР по член 76 од Законот за внатрешни работи, кој предвидува вработување без конкурс по одлука на министерот.
Но, ДКСК ја отфрли иницијативата за сопругата на Рамчиловиќ затоа што според законските решенија на министерот во МВР му се овозможува дискрециско право за сопствен избор за вработување на лица без конкурс.
Во рок од нецели три години, двајца членови на семејството Рамчиловиќ се вработени во МВР, и сето тоа откако тој е пратеник од СДСМ.
ГОЛЕМО СЕМЕЈСТВО, СИТЕ НА ДРЖАВНО
Рамчиловиќ, пак, тогаш во разговор за „Фокус“ им забележа на новинарите што пишувале невистини за него, а воопшто не го побарале. Тој ни објаснуваше дека неговиот син ги поминал сите потребни обуки, а како се примени синот и сопругата, нѐ упати да прашаме во МВР.
– Што треба? Јас да дадам оставка, да не бидам пратеник, за да се вработи некој од семејството? Не смеат тие да се вработат? – коментираше Рамчиловиќ, кој за неговото амбасадорско место нѐ препрати во Министерството за надворешни работи.
Името на Рамчиловиќ, кој своевремено се издвои од ВМРО-ДПМНЕ и стана независен пратеник, па потоа премина во СДСМ, се поврзуваше со бизнисменот Сеад Кочан.
Кочан уште е во затвор за случајот „Труст“, но државата не успеа да му конфискува ниту денар од имотот, односно од 17-те милиони евра што требаше да се вратат во буџетот.
МВР собра и добар дел од градоначалниците од СДСМ кои изгубија на последните локални избори што се одржаа во 2021 кога опозициската ВМРО-ДПМНЕ го презеде владеењето со дел од општините. Во МВР се вработи поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски како главен инспектор за идентификација на ДНК.
Георгиевски во изјава за „Фокус“ рече дека од 1987 година работел во Здравствен дом Скопје со завршен Медицински факултет во Штип на работна позиција дипломиран специјалист по клиничко лабораториска дијагностика. Факултетот го завршил во 2013 година, а студирал во Штип бидејќи во тоа време само таму имало ваков вид специјализација.
– Во МВР работам во ОКТИВ (Оддел за криминалистичко технички испитувања и вештачења), на позиција главен инспектор. И за претходното работно место и за ова позиција е соодветен Медицинскиот факултет и високо образование и работно искуство со над 35 години – рече Георгиевски.
Во МВР, на позицијата виш полициски советник за стратешко планирање е и кандидатот на СДСМ за градоначалник на Долнени и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Аднан Џафероски.
Самостоен инспектор за надворешна трговија со дрога, оружје и опасни материи во Радовиш стана и Благој Илиев, поранешниот градоначалник на Конче.
Тој завршил правен факултет во 2009 година и велеше дека ако изгубиле избори не значи дека не треба да работат. Претходно бил управител и возач на камион во приватна мала фамилијарна фирма.
ПОСТАПКИ БЕЗ ЕПИЛОГ
За сите овие вработувања, Државната комисија за спречување на корупцијата оформи предмет по пишувањата на „Фокус“. Антикорупциска утврдила дека дел од наводите од нашето новинарско прашање се потврдуваат, но ДКСК немала надлежност за преземање други мерки, па оваа постапка е запрена.
Комисијата се обратила до МВР за да прибере документи, податоци и информации и утврдила дека Георгиевски, Илиев и Џафероски имаат склучено договор со МВР врз основа на законски спроведена постапка од страна на Министерството без јавен оглас согласно член 76 став 1 и 3 и член 77 став 2 од Законот за внатрешни работи.
Тоа значи дека дел од поранешните градоначалници примени во МВР, иако се вработени без јавен оглас, сепак законски се покриени. Антикорупциска цитира еден куп членови од различни закони, но сепак констатира дека овластените службени лица се вработуваат во МВР без јавен оглас.
„Вработувањето во МВР се врши со објавување на јавен оглас согласно член 71, а за работните места кои во актот за систематизација на работните места се утврдени со статус – овластени службени лица, како и за стипендисти на Министерството, вработувањата се вршат без објава на оглас согласно член 76 од Законот за внатрешни работи“, утврди ДКСК.
И најголем простор за злоупотреба при вработувањата, непотизам, клиентелизам и пристрасност на МВР и го овозможува тоа што актите
за организација и систематизација на работните места таму се класифицирани, па пракса е вработувањата да се вршат по член 76 од Законот за внатрешни работи, односно без објава на јавен оглас.
„Ваквиот принцип на избор на лица кои ќе бидат ангажирани во МВР создава простор за влијание при вработување, состојба на непотизам, клиентелизам, кронизам, создава услови за недоследна примена на здравствените и безбедносните проверки, ги нарушува основните уставни права на граѓаните“, констатира Антикорупциската комисија.
Оттаму јасно даваат до знаење дека за овие вработувања постои основан сомнеж за партиско влијание од владејачката СДСМ.
Сомнеж за недоследна примена на безбедносните проверки може да се види при вработувањето на поранешниот градоначалник на Гази Баба, за кого ДКСК покрена иницијатива за поведување постапка за кривично гонење за недомаќинско работење и трошење на средства од Буџетот. Сепак Георгиевски ги поминал сите безбедносни и други проверки, иако против него е отворена постапка.
Како еден од општите услови за засновање на работен однос во Министерството е лицето да е здравствено и психофизичко способно преку утврдување на психофизичката и општата здравствена способност, за што е надлежна здравствена комисија формирана од страна на министерот.
Во одговорот има еден интересен дел, според кој, може да се заклучи дека тие што се вработиле во МВР пред 19 април минатата година, не го поминале тестот за интегритет, кој од тогаш бил услов за вработување.
СОМНЕЖИ ЗА ПАРТИСКО ВЛИЈАНИЕ
„Тестот за интегритет е еден од условите што лицата што засноваат редовен работен однос во Министерството мора да го имаат положено. Во спротивно, ќе се смета дека тоа лице не ги исполнува условите за вработување во Министерството.
Имајќи ја предвид законската измена и нејзината важност, информираме дека лицата за кои веќе била спроведена постапка за вработување пред стапување во сила сметано од 19.4.2022 година не им бил услов што морале да го исполнат со цел вработување во Министерството“, објаснуваа за „Фокус“ од МВР.
И покрај тоа што Антикорупциската комисија отвора постапки за вработувањата на сестри, мајки, роднини на функционерите во државните институции, искуството покажува дека овие постапки максимум завршуваат со прекршочна пријава и глоба и со повлекување од функциите под притисок од јавноста.
Па, иако Антикорупциската комисија констатираше дека синот на собранискиот спикер Талат Џафери, Барлет Џафери положил правосуден испит пред да дипломира, сепак деновиве тој беше избран за јавен обвинител откако успешно ја заврши Академијата за судии и јавни обвинители.
Ќерката на Џафери, Бесија Џафери, пак, работи во АД ЕСМ и ова вработување беше обелоденето откако тогашната пратеничка Мира Стојчевска си го вработила пола семејство во државни институции. Пратеничката стана позната како Мира Дизел откако јавноста дозна дека земала високи суми како надомест за патни трошоци.
За вработувањето на Влора Бектеши, нејзиниот брат, министерот за економија, Крешник Бектеши доби прекршочна пријава и плати казна од 500 евра.
Но, на Бектеши очигледно не му значеше нешто казната, па од годинава и неговата сопруга Улка Каба Бектеши се вработи во Агенцијата за остварување на правата на заедниците како виш соработник за изработка на проекти во секторот за изработка на проекти и комуникација.
И сè е тоа законски покриено со цитирани одредби од закони, па тоа што роднини на истакнати функционери се вдомуваат на државни јасли станува нормална и вообичаена практика.
ВРАБОТУВАЊЕ БЕЗ ОГЛАС НА АНГРО
Ивана Костовска, сопругата на пратеникот од редовите на СДСМ, Мартин Костовски, не е единственото вработување во МНР без јавен оглас, велат од Министерството за надворешни работи.
„Заради зголемените обврски во МНР како членка на НАТО, претседавач со ОБСЕ, почнати преговори со ЕУ, како и претседавач со други регионални иницијативи во последните две години реализираше низа вработувања со преземања од други јавни институции секогаш имајќи предвид профилот кој се презема да кореспондира со работното место кое се пополнува“, објаснуваат од МНР.
Оттаму посочуваат дека Вадата минатата година усвоила план за фискална одржливост и поддршка на економскиот раст, со цел рационализација на јавните расходи за побрзо закрепнување на економијата на земјата после пандемијата.
Една од препораките на овој план била кога е потребно да се пополни работно место тоа да се реализира со преземање на вработени од друга јавна институција каде има превработеност.
Па така, во последните две години ги пополнувало работните места со преземање работници.