Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој со години има искуство во судски предмети анализира дека припадник на МВР не смее да внесе ни оружје во судот, ниту пак камера да снима.
– Се знае кој издава дозвола за снимање во судница, тоа е Врховниот суд, а се однесува на новинарите, снимателите и фоторепортерите. Припадници на МВР нема што да бараат во судница и да снимаат. За спроведвањето и обезбедувањето на обвинетите е задолжена затворската и судската полиција, кои се под надлежност на Министерството за правда, а не под МВР. Службеници на МВР може по барање на судот да го озбедуваат објектот надвор, но никаков внатре. Никој не може да дада дозвола на МВР да влезе и да снима во судница, ниту претседателот на судот, никој – вели Давидовиќ.
Тројца припадници на МВР денеска неовластено го снимаа рочиштето за случајот „Фабрика за афери“ во кој првообвинет е Захир Беќири, познат по прекарот Чауш и предизвикаа скандал во судницата. Тие престанаа со снимањето, по жестоката реакција на судијката Гордана Спиревска, која им нареди да ги избришат снимките.