Ниту една фирма не се пријавила на огласот на Министерството за одбрана за конфекционирање на капи и ветровки за маскирни теренски униформи за АРМ, објавен на 30 ноември лани. Поради тоа, Министерството минатата седмица го поништило огласот, пренесува „Мета“.
Министерството за одбрана на 30 ноември минатата година објави оглас за конфекционирање на ветровки од ткаенина за воено теренска униформа во основна маскирна шара и на капи од ткаенина за воено теренска униформа во универзална маскирна шара.
Вредноста на набавката, без ДДВ, била околу 2 милиона денари, од кои околу 1,8 милиони за ветровки, а околу 165.000 денари за капи. Набавката била деллива, а за обата дела на 21 декември требало да се одржат електронски јавни аукции.
Од фирмите се барало по спецификација на Министерството да сошијат околу 1.240 ветровки со влошки од 4.231 метар платно во маскирна шара што Министерството за одбрана ќе му го достави на конфекционерот, со обврска остатокот да го врати.