Никогаш не вели никогаш: Жителите на Тимјаник ги засакаа децата од домот, дали ќе го сменат мислењето оние од Визбегово?

by Fokus

Тимјаник се смени, деца од селото година ипол по бунтот на нивните родители, одат на родендени во Малиот групен дом, кај четирите дечиња со комбинирана попреченост. Овие деца претходно побудија страв кај  локалните жители и тие своевремено даваа отпор поради неинформираност, но подоцна ги прифатија како свои деца, велат одговорните. За жал се уште не е сменета состојбата во Визбегово, каде и тамошните жители протестираа стравувајќи од три дечиња од домот „Ранка Милановиќ“

-Во Тимјаник сега живеат две подвижни и две неподвижни дечиња. Три од нив дојдоа од Специјалниот завод Демир Капија и едно од бања Бањско објаснува Душица Вулиќ Димова, координатор на трите мали групни домови во општина Неготино. Таа појасни дека стручни лица работат со децата, а се почитуваат и нивните желби, се остваруваат контакти со блиски на дечињата.

Владимир Лазовски, консултант за деинституционализација при Министерството за труд и социјална политика, беше дециден дека поскапо чини живеењето надвор од институција,  но условите се подобри. Континуирано се зголемуваат средствата за  денституционализација.

Тој посочи дека за развој на социјални услуги на локално ниво, за што општините нудат  идеи, како грижа за стари лица или со попреченост, за самохрани родители и други социјални услуги, Светска банка во наредниов период дава кредит преку Министерството, во висина од 10,08 милиони евра.

Жителите на Визбегово се уште не го направиле првиот чекор

Во исто време во малиот групен дом во Визбегово каде сега се сместени три дечиња од Домот „Ранка Милановиќ“ пред неполн месец протестираа локалните жители  за нивното сместување таму, наводно дека станува збор за деца со нарушено поведение. Постои уште еден ваков мал групен дом во Скопје, во населбата Радишани.

Децата сега имаат се што им е потребно, а го немале во институцијата каде што беа до скоро. Објект што не е реновиран со децении, мирис на влага, стар мебел исмешан со мирисот од кујната која се уште функционира за потребите на децата од останатите пет групни домови во кои се сместени деца од „25 Мај“ кои користеле заеднички објект со „ Ранка Милановиќ“.

Во новиот дом, во дворот прво ќе ве пречека малечко кутре, кое е пресреќно дека дошле гости, а позитивно влијае и на децата да имаат милениче бидејќи поретко излегуваат надвор од дворот.

-Тука е се поинаку, децата имаат се што е потребно. Воспитувач има во секое време со нив, 24 часа сме со нив. Децата се уште се адаптираат, со воспитувач беа само два пати до продавница, но имавме организирани посети на претстави и сл. вели Наташа Ристовска, воспитувачка.

Ги затекнавме на час по музичко воспитување. Наставниците доаѓаат и им држат настава на горниот кат од куќата, за секој предмет посебно бидејќи некои од нив пропуштиле многу во наставата и пожелно е да надоместат на ваков начин. Децата се срамежливи, не сакаа многу да разговараат, но воспитувачите раскажуваат за стресот со кој се соочиле откако дошле во оваа куќа и од однесувањето на соседите. За нив ова било елитна населба и не им требале такви деца, ги нарекувале со погрдни имиња, засега нема ниту комуникација.

 

-Децата го прифатија новиот дом, голема е разликата од порано во институцијата и сега. Одлично се адаптираа, тоа добро влијае на нивниот развој, рече  Виолета Масевска Палиќ директорката на двете инстититуции.

И воспитувачите велат дека е се поразлично, поубаво. Накитиле елка, куќата има три спални и за овие деца готви посебен готвач распределен од институциите претходно.

-Порано јас кога одев на работа, нозете ми се враќаа назад, а сега ми е задоволство. Им подготвувам храна по предвидено мени, но некогаш бараат и нешто друго, како и сите деца, компирчиња и чипс сакаат обично. Навечер сами ја спремаат вечерата.  Во установата „ Ранка Милановиќ“, условите беа лоши, искршени плочки, руинирани тоалети, тука е како дома“, раскажува Горан Здравковски, готвач.

Во домовите повеќе нема ниту едно дете. Со процесот на деинституционализација за 2 години отворени се 22 групни домови, од кои 20 за деца и 2 за возрасни.

Установите каде што беа сместени деца се испразнети. За секоја од нив има план во што да се пренамени. Домот „25 мај“ во Топанско Поле се планира да биде Центар за обезболување на стари лица со социјален ризик, а новиот дел од Заводот во Демир Капија да прифаќа престој на деца со попреченост на 2-3 недели како одмена на семејната грижа.

И заводот во Демир Капија веќе нема деца

-Заклучно со 2017 година имаме забрана за прием на нови корисници, а планот е до 2021 во оваа установа да не живее веќе никој. Со мали групни домови ќе им се пружат подобри услови за живот, никој не заслужува да живее во ваква гломазна институција,изјави Алаксандра Велковска в.д. директорка на Специјалниот завод во Демир Капија.

Во Заводот во Демир Капија, има 189 корисници, возрасни лица, а беа вкупно 214. Таму повеќе деца нема. Најголем број од нив се сместени во згрижувачки семејства. Условите таму се лоши, но објектот се реновира за да има пристојни услови за живот за тие што останаа, до нивното излегување од установата.

Се планира процесот на деинституционализација да продолжи и покрај стравот кај штитениците од новата средина, од домот кој никогаш го немале.

Системот за згрижување деца, но и лица со поречености полека се менува. Едно општество може да каже дека е хумано и солидарно само ако покаже соодветна грижа за најранливите, вели Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

-Со години оваа држава се обидуваше да направи промена на системот за грижа за деца и лица со специфичности, да нема повеќе институции, но, во овие две години интензивно се чуствуваат резултати во оваа област. Овој процес треба да продолжи со ист интензитет и иста енергија понатаму, затоа што целиот систем треба да се трансформира оваа грижа да стане одржлива со цел децата да го добиваат најдоброто, рече Царовска.

Деинституционализацијата е меѓународна пракса, пред се поради фактот што институциите не се добри ниту за децата, нит за возрасните за развојот на мозокот и за развој на емоциите, нагласи Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјава.

-Северна Македонија одржува чекор, ако не е и неколку чекори напред со тоа што се ослободува од институциите и воспоставување похуман и научно докажано покоректен и исправен начин за грижа за децата. Можевме да видиме каде овие деца порано живееле и оти тоа не е место на кое треба да се одгледува било кое дете. Искрено ако јас не можам да го одгледувам на такво место моето дете, ниту едно дете не би требало тука да биде одгледувано, рече Ди Џовани.

Во 2017 година имаше 487 штитеници во 7 институции во државата. До ноември 2019 тој број е преполовен на 274.

Во 2019 година за оваа намена беа предвидени 2 милиона евра од буџетот на државата, за наредната 2, 5 милиони евра. Министерството за труд и социјална политика планира во 2021 година да заврши деинституционализација. Се надеваат дека политичките промени нема да  да го кочат овој процес.

Соња Танеска

 

Поврзани новости