Дали глас за Димитар Апасиев и Левица е всушност глас за Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ?
Според потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, гласот за Апасиев е всушност глас за Мицкоски, и обратно, а во објава на социјалните мрежи Богоев ја нарече евентуалната коалиција помеѓу Левица и ВМРО – коалиција Девица.
Претпоставките за можна коалиција помеѓу двете опозициски партии се актуелизираа откако Мицкоски во ТВ емисија кон крајот на ноември изјави дека не е исклучена можноста за коалицирање со Левица.
-Никогаш не велете никогаш во политиката! Вредностите се ставаат на маса и се прави договор – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во гостувањето во „Само вистина“.
И пратеникот и претседател на Левица, Апасиев неодамна за А1он истакна дека тие се незгодни играчи и после избори сите опции се отворени.
-Ќе ги видиме условите. Ние преговараме принципиелно, ниту прв ниту последен пат. Ви кажав, ние сме прагматични, ние сме идеалисти до одредена граница и потоа прагматизмот не ни е туѓ, ние го покажавме тоа кога седнавме да ја куткаме владата на СДСМ и ДУИ – кажа тој за А1он.
Ставот на Мицкоски „Никогаш не вели никогаш во политиката“, очигледно важи за сите политички играчи, па и за Апасиев, кој во 2020 година објави цитат од Фидел Кастро, со што тогаш ги поттикна претпоставките дека нема да влегува во коалиција со ниту една од партиите кои преговараа да формираат влада.
– Првата политичка партија во која учествувал Фидел Кастро е партијата „ОРТОДОКСО“. Во 1948 година Партијата освоила само 2 (две) пратенички места во кубанскиот парламент.
Ставот на младиот Фидел бил: „Не смее да има никакво коалицирање со партии кои имаат дамки во своето работење! Коалицирањето ќе ја разводни идеологијата. Од тоа корист ќе имаат само нашите ривали“
p.s. Случајност!? Не би рекол – пишуваше во 2020 година претседателот на Левица.