Деновиве додека трае потрагата по 10-годишниот Петар, кој во петокот исчезна од Врбјани, Мариово, јавноста се сеќава на два одделни случаи, кога исчезнаа две девојчиња, Ангела од мариовско Дуње пред околу 13 години и Маја од Лешани, пред околу девет години. Телата на двете беа пронајдени на планина, а до денес не се разјаснија околностите под кои починаа.
Ангела Ѓорѓиоска од мариовско Дуње исчезна на 23-ти јули 2009 година. Имаше шест години. Според тогашните изјави на блиски на семејството, таа била на гости заедно со своја братучедка, кај пријатели во соседството. Излегла надвор, бидејќи повеќе не сакала да седи, и од тогаш и се изгуби траг.
Приказни за наводно киднапирање, дојави дека наводно била забележана во друг град, и низа на претпоставки се испреплетуваа додека се трагаше по девојчето. Беше вклучена полицијата, кучиња трагачи, хеликоптер, вклучување на специјализирана екипа која работеше на пронаоѓање на сигнали и докази дека Ангела е евентуално надвор од селото или во врска со вмешаност на некоја криминална група, како и бројни доброволци, неуморно трагаа со денови и недели.
За Ангела се бараше помош и од Интерпол, во случај да била киднапирана и однесена надвор од државата.
Се пребаруваа бунари и јами, се вршеше распит со жителите на Дуње, како и на околните села, но безуспешно.
По шест месеци, на 15-ти февруари 2010 година, МВР соопшти дека остатоците од детско тело, кои биле пронајдени пред две недели кај селото Пештани во Мариово, и припаѓаат на Ангела.
Тоа било утврдено во Судска медицина, по ДНК анализата.
Докторите од судска медицина не можеа да прецизираат кога и како настанала смртта на малата Ангела Ѓорѓиоска од мариовско Дуње, но нејзиното тело по смртта било било растргнато од животни. Родителите одбиваа да прифатат дека се работи за нивното дете.
Што се случило со девојчето и како тоа починало, остана енигма за нејзиното семејство, но и за целата јавност.
Сличен настан ја потресе јавноста и во ноември 2013 година, кога 14-годишната Маја Блажеска од Лешани заминала од дома, наводно за да се сретне со момче кое го запознала преку Фејсбук, а семејството и полицијата трагаше по неа.
Телото на девојчето беше пронајдено на Илинска планина во јануари, наредната година, а според МВР обдукцијата покажала дека на нејзиното тело немало траги на насилство. Изложеноста на екстремно ниските температури во планинскиот предел на 1.500 метри надморска висина, кај ,,Натнасер бачила” , биле причина срцето на девојчето да престане да чука.
Беше најавена дополнителна истрага која требаше да покаже како Маја се нашла на Илинска планина. Родителите бараа одговори и изјавуваа дека таа сама не би можела да се искачи на планината. Се сомневаа дека била заведена, а потоа убиена и фрлена на планината.
До денес, не се откри што точно се случило со девојчето и како завршила на планината.
Вики Клинчарова