„Никнува“ новата џампинг џет фонтана на плоштад

by Фокус

Денеска почнуваат градежните работи за изведба на таканаречената сува фонтана (џампинг џет), на плоштадот „Македонија“, на просторот меѓу фонтаната „Воин на коњ“ и влезот во Камениот мост, информираат од град Скопје. Фонтаната ќе биде со правоаголна форма, со димензии 20 на 10 метри. Површината ќе биде  изработена од светлосиви гранитни плочи, а ќе има има и ЛЕД светилки.

„Визуелниот ефект на фонтаната ќе се постигне со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата“, велат од кабинетот на градоначалникот Коце Трајановски.

Новата фонтана ќе чини речиси 2.5 милиони евра. Градот Скопје обезбедува една третина од парите, а останатите ги обезбедува Владата. Граѓаните ќе ја имаат честа да ја видат целосно изградената фонтана за околу 6 месеци.

Од СДСМ регираат дека „логиката, да се трошат народни пари за поставување нова фонтана на плоштадот Македонија, веднаш до веќе постоечката фонтана на Воинот на коњ, е разбирлива само од аспект на тендерските бизниси на Груевски и Трајановски.

„Напразно потрошените средства, за фонтана до фонтана, власта и градоначалникот на Скопје можеа да ги искористат за енергетски ефикасни фасади, на што веќе работи општината Центар. На овој начин практично ќе се потврдеше определбата Скопје да биде енергетски ефикасен град. За жал, главниот град е далеку од тоа. Потпишувањето Меморандум за разбирање за зајакнување на мрежата на енергетски ефикасни градови од страна на Град Скопје е врв на лицемерието на Коце Трајановски“, реагираат од СДСМ.

 

 

 

 

Поврзани новости