Никако сукња со должина над колена

by lali

Боркица Груевска е сопруга на премиер на држава. До ден денес, и по осум години не научи да се дистанцира од себе си пред да стане сопруга на вториот политичар во државава. Иако во некои портали се зборува за прекрасните комбинации во облекувањето, тоа не кореспондира со она што би го рекол протоколот кога би била сопруга на премиер во некоја друга земја и не би можела да се облекува според лични убедувања.

Иако тоа никаде не го кажала, неа како и на многу македонски жени, инспирација и изглед што треба да се копира е на српските фолкерки, чија икона е Цеца. Трајната шминка, црно нацртани веѓи, чевли на високи потпетици со платформа, сукња над колена, полунасмевка, извесна покорност во држењето на телото, без разлика што главата е високо крената, сето тоа не живее веќе никаде на друго место, освен на Балканот.

Нејзиното последно појавување во јавност во фустан, во некоја нијанса која би се нарекла петролеј, во комбинација со црно кусо палто и светли хулахопки треба да си го стави во плакар, да го заклучи и клучот да го фрли. Засекогаш треба да ги заборави сукњите и фустаните што ги откриваат колената и да консултира литература или интернет, кои стриктно ја кажуваат посакуваната должина на формалната облека. Сопругата на премиерот не смее да си ги покажува адутите, ниту на тој начин да свртува внимание. Треба да учествува во хуманитарни акции, да се залага за правата на жените и да прозбори. Тешко е да се верува дека тоа по осум години ќе го стори, но ние сме тука да ѝ кажеме дека огледалото можеби ѝ дава реална слика, но таа не е соодветна на сликата на сите други сопруги на политичари.

Ако не може да биде во чекор со европските жени, тогаш ќе биде самата за себеси пример. Балканот е последниот бастион за жени на политичари на кои не им се слуша гласот. Послушни и со сукњи над колена.

 

Поврзани новости