Нигерија е нова земја партнер на алијансата БРИКС

by Fokus

Нигерија е примена како „земја партнер“ во алијансата БРИКС, објави бразилската влада, која во моментов претседава со алијансата.

БРИКС е основан во 2009 година од Бразил, Русија, Индија и Кина, а Јужна Африка се приклучи во 2010 година, објави АП.

Минатата година и се приклучија Иран, Египет, Етиопија и Обединетите Арапски Емирати.

Саудиска Арабија е поканета да се приклучи, додека Турција, Азербејџан и Малезија официјално поднесоа барања за членство, а интерес пројавија и неколку други земји.

Нигерија е деветта земја партнер на БРИКС, приклучувајќи им се на Белорусија, Боливија, Куба, Казахстан, Малезија, Тајланд, Уганда и Узбекистан.

„Со шестата по големина популација во светот, најголемата во Африка и една од најголемите економии на континентот, Нигерија споделува слични интереси со другите членки на БРИКС“, се вели во соопштението на бразилската влада.

Нигерија игра активна улога во зајакнувањето на соработката меѓу земјите од глобалниот југ и во реформирањето на глобалното владеење.

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп минатата година се закани дека ќе воведе царини од 100% за производите на БРИКС доколку блокот постапи на начин што го загрозува доларот.

Лидерите на БРИКС одлучија да воведат алтернативен систем за плаќање што нема да зависи од доларот.

Поврзани новости