Ние сме повеќе од соседи со Северна Македонија, но сите кандидати треба да ги исполнат барањата, вели Главчев

by Fokus

На вчерашната средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски разговаравме за потребата од нормализација на меѓусебните односи и за нивно враќање на нивото од 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство, изјави бугарскиот премиер Димитар Главчев пред почетокот на денешното продолжение на Самитот на НАТО во Вашингтон.

– Двајцата бевме на тоа мислење, па ќе видиме што ќе се случи. Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседи. Може дури и да се каже дека ние сме и повеќе од соседи со Република Северна Македонија, додаде Главчев.

Бугарскиот премиер истакна дека треба да се намалат тензиите во меѓусебните односи, пред се во изјавите, бидејќи меѓу граѓаните и народите на двете соседни земји нема тензии, а политичарите ако не помагаат да се развиваат тие односи, не треба ни да ги попречуваат.

Според него, кога соработката ќе биде на задоволително ниво треба да почне да се развива и поврзувањето во сите аспекти, како во транспортот, економијата…

– Но, треба да се исполнат и обврските кои што се преземени. Тука не говорам само за Северна Македонија, туку и за сите земји од Западниот Балкан. Гледате дека не ги делиме. Нашата позиција е и европската позиција дека сите држави кандидати за членство во ЕУ треба да ги исполнат барањата што им се поставени, додаде Главчев.

Поврзани новости