Во однос на Акцискиот план сакам да кажам прво дека идејата на Договорот за добрососедство со Република Бугарија беше да се институционализира дебатата по однос на разликите што ги имаме, за да не станат жртви другите процеси од оваа дебата по однос на прашањето за кое имаме разлики, изјави денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи.
-Ниту процесот на евроинтеграции, ниту пак соработката во другите планови – економската соработка, инфраструктурната соработка…, бидејќи нашиот пристап е дека треба да се вратиме на начелото на Договорот и затоа сметавме дека треба да се претстави акциски план со цел да продолжиме во соработката, да го одржиме амбиентот во соработката помеѓу двете држави додека разговараме, рече Османи во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата со неговиот словачки колега Иван Корчок.
Оцени додека разговараме за надминување на разликите со Бугарија, паралелно со тоа треба да продолжи и европскиот процес на земјава.
-Во ноември го пративме нашиот акциски план, обемен план за сите министерства и проекти коишто се предвидени или пак доколку има недостатоци во реализација на тие проекти. Во јануари добивме одговор од Бугарија и за делот на прашањата на секторската соработка пред неколку дена разменивме наш став, бидејќи воглавно се прифатливи и забелешките по однос на секторската соработка, така што очекувам дека акцискиот план ќе биде основа за протоколот на следната седница на Меѓувладината комисија која јас се надевам ќе се организира што побрзо, рече Османи.
Во однос на последните извештаи за перцепцијата на корупцијата во земјава, Османи рече дека корупцијата е рак рана на општеството и оти пристапот на државата треба да биде сеопфатен и енергичен.
-Прво, за да нема недоразбирање последните извештаи на ЕК се позитивни и констатираа дека Република Северна Македонија ги исполнува критериумите и врз основа на тој извештај дава препорака на Советот за започнување на преговори. Вие зборувате за извештајот на Транспаренси којшто зборува за перцепцијата на граѓаните по однос на корупцијата и последниот извештај на Економист за индексот на демократија. Се разбира јас нема да бидам адвокат ниту на Владата, ниту на која било институција по однос на кои било забелешки што може да се најдат по однос на борбата против корупцијата, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање.
Истакна дека ги поддржува сите чекори и акциски планови на Владата за да се бори, како што рече, против ова зло и тоа е дел од критериумите за ЕУ и не случајно инсистираме за почеток на преговорите затоа што преговорите почнуваат со Поглавјето 23 и 24 и завршуваат со Поглавјето 23 и 24.
-Ние сакаме да бидеме под силен мониторинг, под силни инструменти на контрола бидејќи така и ние добиваме поддршка како институции во борбата против корупцијата, рече Османи.