Дел од објавените бомби од прислушкуваните разговори што беа објавени на youtube веќе се избришани поради авторски права од OMD Network. Па дури и причината дека тие се авторски права е спротивна на тврдењата дека гласовите и материјалите биле сечени, лепени, монтирани. Колку за информација, истата таа OMD Network претходно има блокирано и видеата од Шарената револуција. Од нивниот сајт, може да се дознае дека ОМД е интегрирана комуникациска агенција која нуди глобални решенија за медиуми и маректинг, но без свое преставништво во Македонија.
Но ти не се битни. Они или било кој може слободно сите бомби уште веднаш да ги избрше од сите online канали, од сите медиуми, од сите бази каде ги имаат, од секаде, но она што за народот било слушнато и врежано во меморија, е тоа никој и никако не може да го избрише.
Тоа што се слушна во објавените бомби, тоа долго време ќе се памти, ќе се раскажува и прераскажува. Тие се печат и слика што потсетува на едно мрачно време, време полно со притисоци, уцени, злонамерност, време на пустош и лажење. Време во кое не секој живеел слободно и среќно, а таквите несреќните времиња се памтат вечно, и тие ќе останат белег на едно владеење предводено од Никола Груевски.
Разговорите во бомбите за процентите, притисоците и останатите малверзации, засега да не ги зборуваме и да не се потсетуваме. Ама покрај тоа, зарем некој ќе ги заборави зборовите од кои при секое кажување и слушање морници лазат. Зарем некој ќе заборави на „Ние сме лудаци“, „Тече низ ногавици“, „ Со динамит тоа, да не го тупиме“, „ Три четири шамари“, „Сите во ендек“, „А војна да направиме“, „Не можеш убиство да сокриеш“, „Овие од Тоше се против нас, да ги избркаме од работа“… и ред други многу кажани вакви и слични зборови и реченици. Е овие зборови од памтењето не се бришат, колку да сакаш дури и сам да ги заборавиш!