Ние го чистиме отпадот, пред наши очи фрлаат нов: Неготино со ригорозни казни за неправилно одлагање на градежен шут!

by Fokus

Општина Неготино ќе започне со ригорозни казни за несовесните граѓани кои фрлаат градежен отпад на неозначени места, односно, буквално каде ќе стигнат. Проблемите со неправилно одложен градежен отпад во општината се присутни со децении. Голем број на граѓани имаат навика на јавни површини и отворен простор да го фрлат градежниот шут, и покрај тоа што официјално, градска депонија има во Дуброво, на неколку километри од градот.

Пред околу шест месеци, надлежни служби од општината темелно ја исчистиле областа позната како Куријски пат од насобраниот градежен отпад, за да пред два дена, дури три лица повторно на истата локација истурат цели приколки со шут. Од општината ни изјавија дека веќе е познат идентитетот на несовесните граѓани, истите биле предупредени и им бил даден одреден рок за да си го соберат отпадот и да го пренесат во депонијата.

-Со месеци се чистеше таа област, се ангажираат специјални возила, работници. Кога веќе се беше доведено во ред, продолживме со редовни контроли. Но, пред два дена, старите лоши навики се повторија. Граѓаните кои истурија цели приколки со градежен отпад се предупредени, доколку во дадениот рок не си го соберат шутот, ќе добијат ригорозни казни – информираат надлежните.

Додаваат дека периодов се чисти дивата депонија кај Криволак, и отпадот се носи во депонијата Дуброво. Но, во време додека работниците го собирале шутот, во повеќе наврати се случило и пред нивни очи да доаѓаат граѓани, со натоварени приколки и на десеттина метри од нив да се обидат да го истурат отпадот.

-Сите веднаш ги одвраќавме и ги праќавме на местото каде официјално може да се остави градежниот отпад, а тоа е градската депонија. Неготино е мало место, сите меѓусебно се знаат, па можеби и поради тоа во минатото немало казни за оваа лоша навика. Но, сфативме дека со ригорозни казни може да се постигне посакуваниот ефект, а тоа е да се разбуди свеста кај народот и да се започне со грижа за околината – велат надлежните.

Потенцираат дека во контејнерите во градот е забрането да се одлага градежниот шут. Истите служат за фрлање на сметот од домаќинствата, односно за комунален отпад, а никако за отпад кој што се создава при реновирање на живеалиштата.

Според Законот за управување со отпадот, оној што реновира или гради, сам треба да се погрижи за правилно одлагање на градежниот шут, односно, додека се гради, фирмата треба да обезбеди собирање на шутот, но и да обезбеди прскалки, кои ќе го мократ околното земјиште за да се намали прашината која се шири во воздухот. Исто така, според Законот за јавна чистота, глоба од 50 евра во денарска противвредност треба да му се изрече на физичко лице, доколку правилно не го одложи отпадот, што е должно да ја плати во рок од осум дена, а ако тоа не го стори, казната се зголемува три пати. Лицето има обврска да го отстрани ѓубрето од несоодветното место каде го фрлило.

Вики Клинчарова

Поврзани новости