Кутар Филипче, понекогаш тој ја собира маката за сите, па мора да го правда и она што не е за оправдување. Некогаш со зорт вели дека граѓаните треба да се пазат, но како лекар и министер многу добро знае дека фактот што недостига вакцината е печат на сертификатот за пораз!
Пишува: Арбен ТАРАВАРИ
Неретко, на маса во домовите или кафулињата ќе се слушне дека власта потфрлила. Арно ама државните функционери сè уште одат на работа. Тоа е она што зачудува. По професија сум лекар. Ќе си дозволам да направам една споредба.
Еден хирург кој честопати ги промашува операциите поради неговиот аматеризам оди на погреб на пациентот, а утредента повторно, без проблем, влегува в сала. За жал, таков е случајот и со власта. И со сегашната и со претходната.
Во нејзините сали ќе се сретне една руинирана и инкриминирана каста што вековно си опстојува.Што прават заедно цел ден?! Да не евентуално кројат планови за народот под латинското мото Castigamus-Да ги казниме!
Пандемијата убива без милост, а власта не успева да дојде до ниту ниедна вакцина! Нула! Сите земји од регионот имаат соработка со европски фондови за помош, само ние не. Како е тоа можно?
Ајде, некои од соседите „ни го собираат“, ама, пак, до толку да нè мрази цела Европа?!?Или, пак, сака да нè саботира со сè сегашната Влада?!? Не ни сакам да мислам во таа насока.
Не може да се избегне одговорноста околу проблемот со вакцините! Каде се да ни објаснат убаво и прецизно зошто е тоа така? Што се прави за да се надмине проблемот? Кога ќе ги видиме резултатите?
Народот заслужува да знае, да слушне јасно и гласно. Не се доволни тука-таму парчиња информации. Та, нема сами да си го составуваме мозаикот. И да се чудиме што нè снашло. Транспарентноста не е само да одговориш на барање за интервју, да се „натопориш“ на сцена и да ламентираш.
Транспарентноста е и искреност до срж, признание за (не)одговорноста, соочување со гневот. Така се гради кредибилитет. Како тоа може да се вели дека сме „на ниво на задачата“? Кое е тоа ниво? Во смисла, дека и од лошото има полошо?
Кутар Филипче, понекогаш тој ја собира маката за сите, па мора да го правда и она што не е за оправдување, да го брани и она што е неодбранливо. Некогаш со зорт вели дека граѓаните треба да се пазат, но како лекар и министер многу добро знае дека фактот што недостига вакцината е печат на сертификатот за пораз!
Нема потемна точка од сегашната. Власта не смее да потфрлува во ветувањата. Никој не смее да си игра со народот тогаш кога тој се чувствува најслабо и најнемоќно. Излезете, застанете храбро и кажете: да, потрфливме во тоа и тоа. Бараме решение. Го гледам „овде и онде“.
Ако не дојдеме до него, нека суди волјата на народот. Ама, оди и слушни ги овие зборови! Досега ваков Властољубец Храбар не се појавил на сцена. Ќе ја имаме ли таа среќа, во цела несреќа, да го доживееме тоа?
Доста беше фантазија, наместо реалност, страдање наместо спокој.