Повеќе од 24 часа трае потрагата по 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, на која ѝ се губи траг вчера околу 7.20 часот, кога последен пат била видена на пат кон ОУ „Песталоци“ во Дебар маало.
Од МВР вчеравечер информираа дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на девојчето уште од моментот на пријавување за нејзиното исчезнување од страна на нејзината мајка, која случајот во полиција го пријави вчера во 08:35 часот.
– За решавање на случајот и пронаоѓање на лицето веднаш по добиената пријава вклучени се целосните капацитети на СВР Скопје на највисоко ниво, извршени се низа разговори со лица блиски на малолетничката, прегледани камери итн. Истрагата продолжува интензивно и во текот на ноќта – стоеше во соопштението од МВР.
Ништо не било најдено во компјутерот на исчезнатата Вања, а од снимките од надзорните камери во мали бизниси кои се наоѓаат по трасата каде вообичаено се движело девојчето, не можат да се утврдат никакви детали, бидејќи не снимаат јавна површина. Ова го сведочи мајката Зорица Ѓорчевска.
Телефонот на Вања е и натаму исклучен, додека, се пак, од пораките кои ги проверувало семејството и полицијата, не било најдено ништо што би дало индиција каде е девојчето.
Мајката на девојчето, Зорица Ѓорчевска, замоли да не се шират дезинформации кои ѝ штетат на истрагата. Секој кој има било каква информација да се јави во полиција или пак кај мајката на телефонскиот број 075/400-816.
Девојчето било облечено во црни пантолони со странични џебови, светло плав џемпер, црна кратка зимска јакна и бели Најк патики со кафеава лента.