Глупаво е Макрон и ЕУ со некоја своја еквилибристика да ја спасуваат владата на Кирил Петков а да ја срушат владата на Димитар Ковачевски.
Пишува Ѓорѓи СПАСОВ
Бугарските медиуми јавуваат дека во Комисијата за надворешна политика на нивното Собрание стигнал предлог за дигање на ветото за започнување разговори меѓу Македонија и ЕУ. Некои медиуми тврдат дека тој предлог содржи вклучување на сите барања на Бугарија во преговарачката рамка. А токму тоа не беше прифатливо за Македонија до сега.
Во Македонија се уште никој не знае за постоењето и содржината на таков предлог од Франција. Мала е веројатноста Французите да почнале со убедување на Бугарија пред да знаат дали имаат согласност за нивниот предлог и од Македонија. Ако постапиле така и ако добијат согласност од Бугарија под условите за кои говорат бугарските медиуми тогаш Македонија ќе мора да каже дека направиле сметка без крчмарот.
Ние постојано повторуваме дека сакаме да почнеме преговори но без уцени и нови услови во преговарачката рамка. Ако бидиме уценети во стилот “земи или остави” треба да кажеме остави. Глупаво е Макрон и ЕУ со некоја своја еквилибристика да ја спасуваат владата на Кирил Петков а да ја срушат владата на Димитар Ковачевски.
На Макрон му е важен неговиот личен углед и тој би сакал да го спаси кредибилитетот на ЕУ која ветуваше започнување преговори со ЕУ ако се исполнат копенхашките критериуми, кои Македонија ги има исполнето. Но спасувањето на неговиот углед и на кредибилитетот на ЕУ не може и не смее да се случи на сметка на уривањето на угледот и кредибилитетот на преговарачите од страна на Македонија. Тие исто така не треба и не смеат тоа да си го дозволат.
Колку и да сме очајни и желни за членство во ЕУ, сепак не е крај на светот. Ние не треба да бидиме алчни по некој вид “мечкини услуги”. Многу земји кандидати за членство во ЕУ ги имаат одамна почнато разговорите за членство за кои никој не знае дали и кога ќе завршат.
Нас ни е потребен почеток на разговорите на кои им се гледа крајот и за тоа ни се потребни гаранции. Без елементарна сигурност и јасни правила, кревањето на ветото и почетокот на разговорите ќе биде успех за сите освен за Македонија.