Ни останува само улицата

by Фокус

Пишува: Драган АЛЧИНОВ

Во 2009та година беше донесен Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување. Имено, согласно Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување на претседателот на Републиката му се лимитира правото да помилува, односно не може да помилува одредени категории сторители на кривични дела. Конкретно, измените на Законот регулираат дека претседателот не може да ги помилува лицата осудени за кривични дела против изборите и гласањето, лица осудени за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, како и лица осудени за кривични дела поврзани со неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанци. Законот беше донесен во Собранието на Република Македонија, каде мнозинство имаше ДПМНЕ, а указот беше потпишан од претседателот Бранко Црвенковски.

ПОЛИТИЧКИ МОТИВИРАНА ИНИЦИЈАТИВА

Ваквите измени и дополнувања на Законот за помилување се сосема во согласност со Уставот и во духот на демократијата. Имено, членот 84 од Уставот (во кој се утврдени надлежностите на претседателот), во став 1 алинеја 9 јасно утврдува дека претседателот дава помилување во согласност со закон, односно дека ингеренцииите на претседателот при помилувањето дополнително ќе се утврдат со закон. Овде воопшто не станува збор за мешање на законодавната власт во надлежноста на извршната власт. Самиот Устав утврдил дека законски ќе се регулира материјата која се однесува на помилувањето. Би сакал да видам каде уставните судии најдоа неуставност!?

За оправданоста, пак, на ваквите лимитирања на правото на помилување не треба посебно да се елаборира. Секој здраворазумен човек ќе се согласи со заклучокот дека некои кривични дела едноставно не треба да бидат помилувани– особено кога станува збор за педофилијата, производството на дрога и изборните криминали.

Уставниот суд денес на 24.02.2016 одлучи да прифати иницијатива за оценување на уставноста на именуваниот Закон за измени и дополнувања на Законот за помилување со кој се внесоа наведените лимитирања на правото на помилување. Имајќи ја во предвид политичката ситуација во државата, многу е веројатно дека Уставниот суд ќе одлучи да го прогласи именуваниот Закон за неуставен и со тоа истиот да го укине. Тој чин, пак, ќе означи втурнување на државата во целосен политички и правен безизлез.

Повеќе од јасно е дека иницијативата до Уставниот суд е политички мотивирана, а дека судиите на највисокиот суд во државата пресудуваат без да судат, постапувајќи онака како што им е наложено од партискиот штаб на владејачката партија. Со тоа, Уставниот суд ќе даде зелено светло за помилување на сите оние лица инволвирани во изборните криминали во сите изминати изборни циклуси.

 „БОМБАТА“ НА УСТАВНИОТ СУД

Денешната одлука на Уставниот суд е можеби најсилната од сите ,,бомби’’ до сега. Денес несомнено се потврди контролата на ДПМНЕ врз целиот институционален систем во државата. Уставниот суд стана партиски суд, односно суд кој ги верифицира одлуките донесени во штабот на ДПМНЕ. Судот кој треба да биде највисокиот заштитник на Уставот, а со тоа и на демократијата и слободата, стана водечки инструмент во заштита на репресијата, противправноста и ненародното владеење. Со тоа, режимот целосно е разголен. Веќе секому, во државава и надвор од неа, му е јасно дека институциите на системот се целосно окупирани од ненародната власт.

Уставниот суд, под диригентската палка на ДПМНЕ, индиректно ги потврди сите сомнежи дека осомничените во случајот ,,Титаник’’ (меѓу кои и Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Кире Божиновски и Едмонд Темелко) се виновни за изборен криминал. На овој начин се подготвува институционален терен за помилување на челниците на ДПМНЕ кои се до гуша удавени во криминал. Исто така, оваа одлука несомнено потврдува дека ДПМНЕ не е легитимна власт, односно дека сите победи на избори до сега биле добиени со помош на кривични дела поврзани со изборите.

Од друга страна, ваквата одлука ќе значи и охрабрување за извршување на изборен криминал на сите наредни избори. Власта ќе биде во можност да вети помилување на сите оние кои ќе се дрзнат да застанат против народната волја и ќе работат во нејзина корист. Одлуката на Уставниот суд ќе значи уште едни нерегуларни избори кои нема да ја одразат волјата на граѓаните. Сите оние кои на денот на изборите и пред тоа ќе одработуваат за власта преку вршење закани, уцени, физички пресметки, фалсификати, кршење на кутии итн. ќе можат да бидат помилувани од страна на верниот послушник Ѓорге Иванов. Се подготвува теренот за уште едно фалсификување на волјата на народот.

Отворањето на можноста да се амнестираат изборните криминали ќе ни ја одземе можноста политичката криза да ја решиме на институционален начин- преку правни постапки и политички процеси. Народната волја не може да биде правично претставена низ избори оптоварени со криминал. Ќе ни остане само улицата. А тоа е сценарио кое никој здраворазумен не го посакува.

Поврзани новости