Нам не ни требаат реформи. Нам ни треба трансформација на системот за гаснење на пожарите. Меѓутоа, јас сум поборник за централизација. Ова го истакна вечерва директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Тој во вечерашното гостување во „Топ тема“ на ТВ Телма посочи дека ако системот би бил централизиран, според него, многу проблеми ќе се надминат.
– Градоначалниците се добри луѓе, но тие имаат различни професии. Јас не очекувам од нив да ја познаваат оваа проблематика. Оваа е сложена проблематика. Системот да бил централизиран, а не децентрализиран како сега. Кога би имало централна команда, ние ќе надминеме многу проблеми. Кога почнува да гори некаде, прво што треба да направи градоначалникот е да излезе со сите свои ресурси. Прво треба да излезат „Национални шуми“ доколку пожарот е во шума, потоа излегуваат пожарникарите, излегуваат јавните комунални претпријатија, вработени во општината ќе земат противпожарни метли ќе мавтаат и ќе гасат со нив. Дури потоа треба да побара помош од соседните општини. Кога сме кај соседните општини, градоначалниците тоа го прават или доцна или не го прават. Кога би имало централна команда, гледаме голем пожар, наместо 15 или 20 пожарникари колку што има општината, со една команда може да се испратат 60 пожарникари. Така функционира Армијата и полицијата. Сметам дека како мала држава дека подобро ќе функционираме. Односно би можело да биде комбиниран метод – командата да биде централизирана, а ресурсите нека бидат децентрализирани бидејќи општините нема да сакаат да се откажат од овие пари, рече Ангелов.
Директорот на ЦУК истакна дека државата моментално располага три „ер трактори“ на ДЗС, два хеликоптери на Армијата и три хеликоптери на МВР.
-Ние имаме три „ер трактори“ на ДЗС и сите се функционални и два хеликоптери на Армијата, но тие се тешки за операција бидејќи се стари и не се во најдобра форма и нив ги употребуваме во не дај Боже ситуации оти тие може да се срушат некаде. Имаме два армиски хеликоптери кои имаат одреден лимит кои летаат до 10:30 часот наутро и не можат да летаат подоцна. Три хеликоптери на МВР, рече тој.
Комуникацијата со нив ја остварува човек од земја. Јас немам волшебен џојстик во рака да ги управувам авионите и хеликоптерите, појасни Ангелов.
Според него, имаме рана детекција и брз одговор за сите пожари.
-Истиот терен кој ни дозволува од далеку да ги видиме пожарите, нè спречува успешно да ги гаснеме. Кога би биле рамнинска држава, рамнинска земја, се би било многу поедноставно. Има правила, прописи за гаснењето на пожари од воздух, додава Ангелов, појаснувајќи дека воздухопловството има строги прописи.
– Пилотите на „Ер тракторите“ летаат три часа, потоа мора да одморат три часа. И точка. Потоа летаат уште три часа и толку. Тоа е се за тој ден, рече тој.