Од 1 октомври, ЈП „Водовод и канализација“ ќе добие нов директор. На местото на досегашниот прв човек Драган Илиевски ќе седне актуелниот генерален секретар на Град Скопје и десна рака на Данела Арсовска, Зоран Глигоров, неофицијално дознава „Фокус“.
Според нашите информации, и во самата институција веќе на големо се зборува за неговото доаѓање, односно остануваат уште неколку денови за да ја заземе директорската позиција.
„Фокус“ во неколку наврати има пишувано за Глигоров, кој пред неколку месеци стана нејзин генерален секретар, откако претходно ја извршуваше функцијата шеф на кабинет.
Кој е Зоран Глигоров, генсекот на Арсовска, „обвинет“ за семејно насилство и тепачка?
Неговото официјално претставување беше на една од Седниците за советнички прашања на Град Скопје, каде тој се претстави со куса биографија, во која истакна дека по професија е економист и дека специјалност му е оданочувањето. Тој претходно работел во министерството за финансии во време кога премиер беше Никола Груевски.
Глигоров можеше да се забележи во нејзина близина и кога упадна на прес-конференцијата на поранешниот директор Златко Перински во просториите на „Водовод и канализација“, сакајќи уште еднаш да го обвини дека го местел тендерот од 136 милиони евра за пречистителната станица.
Тој на една од седниците за советнички прашања од страна на „вмровците“ беше обвинет за семејно насилство.
Тие и преку писмено соопштение до јавноста истакнаа дека семејното насилство што го извршил генсекот на Град Скопје, според ВМРО-ДПМНЕ кои се повикаа на евиденцијата од министерството за внатрешни работи се случило во два наврати. Едното пред речиси 16 години, во 2007 година, а второто во 2017 година.
Сепак, тоа што е специфично за Арсовска, а за што веќе имаме пишувано е дека постојано ги менува директорите на јавните институции, кои се под надлежност на Град Скопје.
Арсовска ги менува како чорапи, екс директорот на Психијатриската болница „Бардовци“, која ја тресеа низа скандали е нов директор на „Улици и патишта“
Ако на 1 октомври Глигоров седне на директорското столче во ЈП „Водовод и канализација“, тој ќе биде четврти директор на ова претпријатие за само две години, откако актуелната градоначалничка управува со Град Скопје.
За време на нејзиниот мандат, како прв директор беше поставен Златко Перински, кој доаѓаше од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓутоа, откако „пукна“ тиквата меѓу Арсовска и „вмровците“, таа експресно го разреши од позицијата.
На негово место седна Марјан Митовски, кој ѝ ветуваше кули од злато, но очигледно дека кога ја зазема директорската позиција не си ги исполни ветувањата, па затоа за четири месеци беше разрешен од функцијата.
Во моментот со ова претпријате управува Драган Илиевски, кој пак претходно неколку месеци беше на чело на Зоолошката градина, која исто така сега има трет директор.
Ирена Мулачка
Фото: СДК